Фото: Pixabay
Дали останувате прекувремено на работа?!
Дали ви се трупаат многу задачи и активности на маса?!
Дали се чувствувате стресно на работа?!
Можеби сето тоа е проблем на неефикасно делегирање на работите. Многу од нас мислиме дека никој не може да ја заврши работата подобро од нас, дека ќе ни треба многу време да ги пренесеме информациите или дека ако сами си ја завршиме работата ќе се чувствуваме повеќе исполнето. Тоа се само големи (ментални) бариери кои ни стојат на патот за нашиот личен развој и надоградба.
Делегирањето е една од најважните менаџерски вештини, за која секој менаџер мора да биде свесен и на која постојано треба да се работи на јакнење и подобрување. Меѓутоа, тоа не се однесува само на менаџерите. Исто така од голема важност е за секого во фирмата. Сите ние може да делегираме дел од својата работа (освен ако тоа не е некоја посебна позиција) на некој колега, почетник или практикант. Делегирање може (и се прави) да биде и давање на дел од активностите/работата на други фирми-партнери. Тоа се вика и outsourcing.
Преку владеење на вештината за делегирање вие ќе си заштедите време, ќе може да се посветите на поважните работи, како и подобро да ги планирате вашите задачи. Сето тоа ќе влијае директно на вашиот личен и професионален развој. Делегирањето е еден од основните фактори на ефективно лидерство. Од друга страна, делегирањето позитивно влијае и на оние кому се делегира работата. Луѓето ќе се чувствуваат позадоволни, мотивирани и ќе бидат повеќе проактивни. Она што мора да го имате на ум е дека, делегирањето е како енергетска ефикасност. На почеток ќе треба да се потрудиме малку повеќе, за подоцна да ослободиме повеќе време и да се фокусираме на поважните работи.
Во прилог се напишани неколку чекори/совети кои треба да се следат, и трпеливо да се имплементираат, доколку сакате да си ја подобрите вештината за делегирање:
0. Пред се, треба да донесете одлука да делегирате. Ова изгледа едноставно, но претставува 51% од работата за усовршување на вештините за делегирање. Мозокот секогаш ќе наоѓа одлични изговори како да почнете со делегирање на дел од работата од следниот пат. Така можеме цел живот.
1. Дефинирајте ја задачата – дали задачата може да се делегира?!
2. Алоцирајте ресурс – ако имате можност од избор кому ќе ја делегирате задачата, одберете го најкомпетентниот што ќе може да ја заврши задачата.
3. Анализирајте дали е потребно дополнителна едукација или информирање на делегираниот. Обезбедете ги сите потребни алатки за најдобро извршување на задачите.
4. Делегирање на задачата – најдобро би било да го следите познатото “SMART” правило. S – specific (специфична) M – measurable (мерлива – таргети) A – achievable (остварлива) R – realistic (реална) T – timebound (со краен рок) задача.
5. Следење и контрола – најважно е да знаете дека има неколку нивоа при делегирање на некоја задача. Во зависност од капацитетот и знаењето на оној кому се делегира, ќе треба да се одлучи колку време, енергија и ресурси ќе се потрошат на поддршка при релаизација на задачата. Некои ќе треба да ги следите цело време низ процесот, а некому ќе треба само да му се каже целта и дадат правите алатките и се да се заврши според планираното (или и повеќе од тоа).
6. Рефлексија на работата – мора секој учесник во процесот на делегирање да го искаже своето гледиште на завршената работа и да се дефинираат позитивни лекции и места за подобрување.
Мора да сме свесни дека постои огромна разлика помеѓу фрлање на куп работи на колегата, и ефективно делегирање. Некои од овие насоки ќе ви помогнат во подобрување на способноста за делегирање, но неблагородно би било доколку ние станеме експерти читајќи еден текст на оваа тема напишан на една страна. За да бидеме одлични во делегирањето мора постојано да се едуцираме и да ги тестираме во пракса научените алатки и техники. На Гугл може да најдете многу материјал за ефективно делегирање. Само напишете “Effective Delegation”.
Со успех во имплементацијата.