Иако во текот на сезоната Монт Еверест е преполн со планинарски тимови, Непал ќе ги поевтини таксите за искачување на највисокиот врв на светот за да привлече уште повеќе алпинисти.
Според досегашните правила, Непал наплаќаше такса за искачување од 25.000 долари по човек или 70.000 долари за заедничка дозвола за група од седум алпинисти. Министерството за туризам соопшти дека од 2015 година, индивидуалната такса ќе изнесува 11.000 долари. Со тоа властите се надеваат дека ќе се разбијат поголемите групи и ќе им се олесни пристапот до планината на индивидуалните планинари.
Новите такси ќе се однесуваат на главната сезона, која трае од март до мај и на главната рута до највисокиот врв на светот, додека за останатите рути и за остатокот од годината кога планината е пуста, ќе се наплаќа 2.500 долари.
Но, здруженијата за заштита на животната средина се загрижени од ваквиот потег. Во главната сезона веќе е метеж на планината, а со намалувањето на цените ќе биде уште поголем.
“Владата треба да направи соодветна студија за влијанието врз животната средина, пред да одлучи да им овозможи пристап на повеќе алпинисти на планината”, велат од Катманду проектот за животна средина и едукација, непрофитна група која работи околу Еверест регионот.
Минатата пролет, од страната на Непал се обиделе да се искачат 810 алпинисти. Ѓубре, вклучувајќи амбалажа од храна, опрема за качување и боци со кислород се расфрлани по планината во последниве години, а некои веќе го нарекуваат Еверест како највисока депонија во светот.
Италијанската легенда, алпинистот Рајнхолд Меснер го повика Непал да го затвори Еверест на неколку години за да може планината да се одмори и да закрепне, но властите на Непал го одбија неговиот предлог.