Брзиот технолошки развој во сферата на електронската и електричната индустрија, како и најновите случувања во областа на информатичка технологија и телекомуникации кои се случија во последните три децении, придонесоа кон создавање големи количини на отпад од електрична и електронска опрема (во понатамошниот текст ОЕЕО).
ОЕЕО е вид на отпад кој потекнува од искористените електрични и електронски уреди кои користеле електрична енергија или електромагнетни полиња во нивната работа и вклучува широк спектар на производи како што се: компјутери, принтери, факс машини, машини за перење, фрижидери, мобилни телефони и многу други.
Сложената структура и присуството на голем број на штетни материи го прават ОЕЕО глобален еколошки проблем. Речиси ниту еден друг вид на отпад не поседува таква комплексна структура и толку многу различни материјали кои се наоѓаат во неговиот состав. Дури повеќе од 1000 различни хемиски супстанци, каде посебно се издвојуваат по токсичноста: жива, хром, кадмиум, бром, берилиум и олово, кое е присутно како метална форма и во форма на оловното стакло од мониторите со катодни цевки, се содржани во ОЕЕО. Покрај наведените, многу други супстанции како што се фосфор, арсен, селен, поливинил хлорид (PVC), полихлорин бифенили (PCB) и др., кои се исто така вклучени во OEEO, па со несоодветниот третман на таков отпад претставува исклучителна закана за здравјето на луѓето и животната средина.
Според Центарот за здружено истражување на Европската Комисија, создавањето на ОЕЕО во ЕУ се зголемува за 3% – 5 % годишно, што значи дека вкупниот износ на ее-отпад се дуплира на секои 12 до 15 години.
Во светот, секоја година 20 – 50.000.000 тони ее-отпад се генерира и истиот претставува голема закана за здравјето на луѓето и животната средина.
Во 2012 година во Република Македонија се создале 18.338 t отпадна електрична и електронска опрема, што значи 9 кг. по глава на жител. (Резултати превземени од Национален план за ОЕЕО)
Во моментов околу 90% од овој отпад се отстранува на депонии, согорува или повторно се искористува без било каков претходен третман. На тој начин, загадувачките материи завршуваат во почвата, водата, воздухот и претставуваат значителен ризик по здравјето на луѓето и животната средина. Над 70% од тешките метали кои завршуваат во депониите водат директно потекло од неадекватно отстранување на ОЕЕО.
Идентификувањето на потенцијалните опасности по здравјето на луѓето и животната средина како резултат на несоодветниот третман, резултираше со донесување на директивата со која се дефинира управувањето со ее – отпад, (WEEE Directive) од страна на Европската комисија. На овој начин, целосно е забрането депонирање на ОЕЕО во депониите, и ее-отпадот се упатува на рециклирање.
Следејќи го примерот на директивите на Европската комисија, Р. Македонија го има донесено Законот за управување со ОЕЕО во 2011 година, а истиот стапи на сила 2012 година. За жал, само мал дел од барањата започнаа со примена во 2013 година, додека главните барања ќе започнат да се применуваат од 2015 година.
Со правилно управување со електронскиот отпад, се воспоставува координација меѓу субјектите кои генерираат отпад, тие што го собираат и конечно, тие што го преработуваат. Ова создава нова заедничка мрежа со нови работни места од една страна, и намалување на трошоците за отстранување на отпадот од друга страна.
Денес во Македонија постои воспоставен систем за управување со овој тип на отпад, кој со оглед на тоа дека Законот за ОЕЕО само што почна да се применува, воглавно се базира на активностите на B2B (бизнис со бизнис) и колективно собирање на посебните текови на отпад од граѓаните во соработка со некои невладини организации, како и реализација на активности за подигнувањето на свеста за управување со ОЕЕО.
Однесувањето на македонските граѓани во однос на користењето на ЕЕО и управувањето со ОЕЕО беше предмет на истражување спроведено од страна на Balkan E‐waste Management Advocacy Network.
Податоците покажуваат дека 29% од домаќинствата ги чуваат нивните стари мобилни телефони дома; 22% имаат фрижидер кој не e во употреба; 19% ‐ CRT телевизори кои повеќе не ги користат; 17% имаат шпорет и радио кои не се во употреба; 13% имаат машини за перење кои не се во употреба итн.
Истражувањето исто така вклучи прашања поврзани со апарати отстранети од домаќинствата. Податоците покажуваат дека најголем процент на отстранети апарати од домаќинствата се фрижидерите со 34%, следат машините за перење алишта со 27%, шпорети со 24%, CRT со 23%, мобилни телефони со 16% итн. Поради отсуство на воспоставен систем за ОЕЕО, најголем дел од отстранетите апарати се донирани или продадени на улични купувачи или се оставени на улица во близина на контејнерот за комунален отпад.
На прашањето за посакуваниот начин за справување со овој тек на отпад, 45% од домаќинствата сметаат дека донација на електронскиот отпад, но земен од нивните домови е најпосакувана опција, 28% сметаат дека најпогоден начин за отстранување на електронскиот отпад е да се даде/продаде на лиценциран дилер, 15% претпочитаат да го остават електронскиот отпад на улица, во близина на контејнер за комунален отпад и најмалиот процент од домаќинствата (13%) смета дека најпогоден начин е да се остави електронскиот отпад на специјално определени места во општината.
Важно е да се истакне дека сите досегашни постапки на преработка на ОЕЕО беа со цел да се постигнат само економски придобивки, не земајќи го во предвид спречувањето на загадување на животната средина. Фактот дека некои материјали кои се користат во постапката за обработка на ОЕЕО не се третираат соодветно, може да биде голем проблем за животната средина. Тешките метали како жива, олово, кадмиум, хром, итн. се многу штетни супстанции во цврста, течна или гасовита состојба. Исто така, во рамките на електрониката, постојат бромидни инхибитори на пламен, кои се користат за спречување на палењето и интезивно согорување на самите компоненти од уредите кои од друга страна, имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето.
Еколошки прифатливите техничко – технолошки решенија за повторно добивање на суровини за широка индустриска примена упатуваат на неопходност од рециклажа во рамките на пропишаните законски легислативи. Со рециклирање на ОЕЕО се создава позитивен став за зачувување на животната средина и ефикасна употреба на природните ресурси.
Информираноста и знаењето на населението за ОЕЕО, неговото управување и неговата штетност е една од основните карактеристики во синџирот на заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Информираноста за отпадот е основен предуслов за успешно управување со него, во согласност со законските одредби, па затоа потребно е да се направат напори да се подигне нивото на свесноста на населението на повисоко ниво.