Контакт со очи

102

oci

Фото: Pixabay

Доколку, поради лични или професионални потреби сте имале можност да го изучувате говорот на телото, сигурно ви е позната важноста и значењето на контактот со очи. Очите претставуваат еден од најважните фактори во ефективната комуникација и имаат огромно влијание врз социјалните однесувања. Со очите ние разменуваме емоции, покажуваме одредени ставови, a и флертуваме. Преку нашите очи ние комуницираме со светот. Ги апсорбираме информациите од околината, сите убави и сите неубави нешта. Преку очите се поврзуваме со другите. Гледаме длабоко во другите и дозволуваме другите да погледнат кај нас.

Очите се прозорец на душата

                                                                                                Народна поговорка  

Сигурен сум дека старите не навлегувале толку психолошки во концептот на контакт со очи или говорот на тело, како наука, не им бил познат за да ги сфатат очите и нивната важност. Тие низ годините, низ искуството и прераскажувањата, ја препознале важноста на очите и на погледот.

Кога гледаме некого или некој не гледа нас, како се чувствуваме?! Дали се чувствуваме пријатно или не? Дали на состаноци секогаш ни е лесно да воспоставиме контакт со соговорникот? Дали сакаме некому да дозволиме лесно да влезе во нашата душа или мисли? Во зависност од ситуацијата и од околностите, понекогаш ни е пријатно да ги гледаме или да не гледаат другите, но понекогаш и не.

Ова се најважните моменти кога не може да ги гледаме луѓето во очи:

  • Криење / лага: доколку сакате да скриете нешто од другите или да ги излажете, може да имате проблем со гледање во очи. Ние си мислиме дека преку очите ќе им ја кажеме вистината на другите. Е сега, голем број на оние што лажат веќе го знаат ова (свесно или не) и научиле дека кога лажат треба да ги гледаат луѓето во очи. Ова, генерелано потекнува уште од нашата најмала возраст кога родителите не учат да ги гледаме во очи и да им ја кажеме вистината. Децата брзо сфаќаат дека кога сакаат да излажат, само треба да ги гледаат родителите во очи.
  • Маскирање на емоции: понекогаш не сакаме да излажеме некого, но сакаме да сокриеме некоја емоција или состојба во која се наоѓаме. Негледајќи ги во очи, мислиме дека ќе ги намалиме шансите да не фатат.
  • Несигурност: ова е една од најголемите причини за одбивање на гледање во очи. Доколку се најдете во ситуација со подоминантна личност, менаџер од повисока позиција и моќ, доколку сте несигурни во себе, ќе ви биде многу тешко да ги гледате во очи. Кога ќе влезам на состанок, во зависност од тоа дали другата личност ме гледа во очи или го избегнува погледот, мене ми е јасно каде е оската на моќ и како понатаму ќе се развива муабетот (ако се најдеме некогаш на состанок, гледајте ме во очи 🙂 ).

Во нашето општествено опкружување, фокусот на погледот (гледање во очи) е многу важен во професионалната комуникација и делување. Многу истражувања покажале дека, луѓето што воспоставуваат повисоко ниво при контактот со очи, се перципирани како: подоминантни и моќни, потопли и приемчиви, атрактивни и сакани, со повеќе вештини и знаење, луѓе од доверба, искрени, сигурни и емоционално стабилни. Затоа, ако сакате да оставите впечаток некому или во деловната комуникација (преговори) да презентирате сигурен став, мора да научите да ги гледате луѓето во очи.

Сепак, кога зборуваме за значењето на очите и погледот, од оваа перспектива, повеќе се мисли на денешната западна култура на живеење и работење. Во другите култури можно е да добиеме погрешен впечаток, ако го следиме ова правило. На пример, во муслиманскиот свет, фокус и поглед директно во очи на некој од спротивниот пол е навредливо. Јапонците не воспоставуваат контакт со очите, со луѓе со повисоки титули (хиерархија) од нивната. Затоа, многу е важно да ја знаеме точно ситуацијата во која сме и заднината на оној со кого разговараме.

Совети како да ја развиете вашата вештина за гледање на луѓето во очи:

– Релаксирајте се во разговорот: не му придавајте големо значење на разговорот, и на соговорникот, дали ќе бидете добри или не. Како и со сè друго, што повеќе размислувате на тоа, толку подлабоко навлегувате во проблемот.

Концентрирајте се на едното око: не ги гледајте луѓето неизменично во двете очи. Фокус на едно око и на тој начин ќе воспоставите поголема контрола.

Избегнувајте зјапање во очи: погледот нека ја следи релаксираната атмосфера на разговорот.

Активно слушање: доколку сте активен слушател и внимателно го слушате соговорникот, тогаш нема потреба да се грижите за тоа, каков ви е погледот со очите.

Смејте се со очи: 2 мускула на лицето се најважни во процесот на смеењето. Мускулите на јаболчниците и на надворешната страна на очите. Оние на очите ни покажуваат дали некој вистински се смее или само од култура.

Гледајте го контактот со очите како ментален предизвик: најважно е да сфатиме дека гледањето во очи е тешка ментална активност и побарува големо когнитивно напрегање. Доколку сакаме да скриеме нешто или да излажеме или сме несигурни, мозокот секогаш ќе иницира тргање на очите од погледот кон соговорникот. Наше е да не потклекнеме.

Со успех во имплементацијата