Одборот на гувернери за меѓународно емитување на владината агенција на САД, Гласот на Америка, објави детали од буџетот за 2015 година, во кој се предвидува укинување на балканските сервиси и издвојување на поголеми финансиски средства за азиската и африканската продукција.
Во буџетот предложено е да се елиминираат српскиот, албанскиот, босанскиот и македонскиот сервис. Сервисите за Персија и Узбекистан ќе се намалат, како и програмата која се емитува за Куба. Поради ова ќе се затворат и дописничките агенции во Хјустон и Ерусалим.
Дејв Алисон, вршителот на должност претседател на синдикатот кој ги застапува вработените во Гласот на Америка, оценува дека со укинувањето на сервисите ќе се отстапи од историската мисија која е започната во далечната 1942 година.
Одборот на гувернери, за следната фискална година, од Конгресот побара 721 милиони долари, наспроти 731 милиони долари за тековната фискална година.
Планирано е во Кина да се зголеми употребата на социјални медиуми и програма, а се планира и отворање на нов сателитски телевизиски канал и проширување на програмата за учење на англискиот јазик.