За кредитите што се одобрени, а не се искористени, Србија од 2009 година до крајот на 2013 година платила скоро 22 милиони евра на име пенали. Во последните десет години на Србија и се одобрени преку пет милијарди евра кредити, а поради недостаток на проекти, искористила само третина, јавува Танјуг.
Како што јавува агенцијата, според податоците на Министерството за финансии, во последните четири години за пенали се исплатени точно 21,98 милиони евра, а во последните 10 години, за различни проекти се одобрени околу 5,05 милијарди евра кредити, но од нив се искористени само 1,49 милијарди евра.
Соработникот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владимир Глигоров, предупредува дека ваквата пракса може да доведе до сериозни последици, затоа што меѓународните институции би можеле да го намалат обемот на кредити за Србија.