Хрватска покрена обвинение против првиот човек на унгарски МОЛ

39

hernadiПо спроведената истрага, Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал на Хрватска (УСКОК), покрена обвинение против претседателот на управата на унгарски МОЛ, Золт Хернади, кого го терети дека на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер му дал 10 милиони евра поткуп за да ги добие управувачките права со нафтената индустрија ИНА, јавува ХРТ.

Со обвинението Хернади се терети дека како претседател на управата на МОЛ, од почетокот на 2008 до крајот на 2009 година, со Санадер во Загреб се договориле дека за сума од 10 милиони евра ќе направат се за да се заклучи Првата измена и дополнение на Договорот за меѓусебните односи на акционерите на трговското сруштво ИНА и дека за договорениот износ, ќе се склучи Главен договор за издвојување на бизнисот со гас кој создава загуби и тој дел од ИНА ќе и припадне на Република Хрватска, објави УСКОК на својата интернет страна.

УСКОК тврди дека на тој начин Хрватска на МОЛ неосновано му овозможила преовладувачко влијание во ИНА. Според Канцеларијата, Санадер како против услуга за применото мито договорил измени во акционерскиот договор меѓу МОЛ и ИНА, знаејќи дека тоа не е во интерес на Република Хрватска.

Истрагата против Хернади УСКОК ја прекина во декември 2012 година и повторно ја покрена по влегувањето на Хрватска во ЕУ. УСКОК за Хернади побара и истражен затвор откако Унгарија одби да му врачи повик за испрашување во Хрватска.

Санадер поради случајот ИНА – МОЛ неправосилно е осуден на 10 години затвор.

МОЛ има 49,1% удели во ИНА, а хрватската влада 44,84%. Унгарската влада во МОЛ држи 25% акции, 27% се во рацете на странски инвеститори, додека остатокот се во сопственост на десетина помали акционери.