Доверба

70

doverba

Фото: Pixabay

„Потребни се 100 работи за да ја здобиеш, но 1 за да ја изгубиш“

Загамојата класна во осмолетка

Знам дека многумина од вас ќе се сложат со ова што ми го кажа мојата класна пред многу години, но прашањето е: дали се бориме да ја здобиеме довербата кај луѓето или баш напротив?

За жал, чувствувам дека сме отидени до таму што довербата ништо не ни значи и едноставно воопшто не ја планираме во ниеден план. Влезени сме во машина, таа само меле ли меле и продолжува понатаму. И ако споменеш доверба во некој разговор, веднаш почнува канонада од непријатни разговори и случки што му се случиле на секој, но никој не сака да се себеанализира и да се запраша: зошто довербата е падната на толку ниско ниво?

Има многу причини и мислам дека ќе ми требаат неколку неделни совети за да напишам – зашто довербата помеѓу луѓето е спадната на толку ниско ниво и зашто (речиси) сите гледаат со некоја скептичност или задна намера на (речиси) секоја работа.

Знаете ли колку е лошо и тешко тоа што секоја работа која ја започнуваме, ја започнуваме со НУЛА доверба? Знаете ли колкава енергија, според мене, трошиме непотребно за да ја здобиеме довербата кај спротивната страна, наместо да биде спротивно. И зошто сето тоа?? Само затоа што сме скептични! Затоа што сме го изгубиле образот од икс причини! Затоа што сме без доверба кон никого и кон ништо и автоматски мислиме дека и другите го мислат тоа за нас! Колку е тоа само страшно не сте ни свесни!

Но, за да пробаме да ги промениме работите, би сакал да споделам со вас неколку идеи и совети  како да ја повратите довербата кај луѓето, но и довербата во вас воопшто:

Разберете ја важноста на довербата – ова е појдовна точка затоа што, ако не го разберете тоа, ништо од моите следни совети! Односите помеѓу луѓето се безначајни ако нема доверба!

Бидете самокритични – само така ќе можете да ја сфатите потребата од довербата, затоа што причината – зошто луѓето немаат доверба во вас или вие во нив е поради ВАС!

Учете од грешките и од лошите работи – од туѓите, но и од своите и немојте да ги повторувате. Тие можеби носат успех во моментот, но на долг рок не!

Бидете трпеливи – немојте да навредувате, немојте да избувнувате, немојте да се дерете.

Транспарентност – бидете транспарентни во работите што ги правите или што ги мислите. Немојте да работите зад грб!

Време – поминувајте повеќе време со луѓето околу вас, но имајте време и за себе. Секое време што го имате, користете го најпозитивно што можете и со чисти мисли.

Извинување – уф колку е ова тешко и колку само треба да голтнете за да го направите, но кога сте згрешиле, извинете се. Бидете над себе. И кога ќе се извинувате, навистина мислете го тоа!

Бидете подготвени на критика – сепак другата страна е повредена и бидете подготвени дека ќе бидете искритикуван.

Почитувајте ги другите, но почитувајте се и себе си!!

И, ајде од денес да пробаме да не се фокусираме на она проклето 1 (што ми го кажа класната), туку баш напротив, да се фокусираме на тоа како да ја вратиме довербата повторно во игра. Да се фокусираме да започнуваме работите со 100% доверба. Еве, јас ќе си кажам за мене (можеби некој после ова ќе каже дека сум луд, но тоа сум јас), кај мене луѓето започнуваат со +100. Е, од нив после зависи тоа дали ќе одат нагоре или ќе одат надолу, но стартната позиција е важна.

Со успех во промените