Агрокор ќе остане без 96 продажни објекти во Хрватска

41

agrokor-mercatorХрватската Агенција за заштита на пазарна конкуренција (АЗТН) условно одобри концентрација на хрватски Агрокор и словенечки Меркатор, а одобрувањето вклучува обврска за гасење на 96 продавници од комбинираната мрежа на Конзум (во сопственост на Агрокор) и Меркатор.

Во решението на Агенцијата се истакнува дека станува збор за концентрација со која Конзум, како водечки на пазарот на малопродажба, дополнително ќе ја зајакне својата положба на подрачјето на цела Хрватска, со последично зголемување на асиметријата на пазарот, пренесуваат хрватските медиуми.

Со оглед на тоа дека Агрокор е вертикално интегриран систем, со концентрацијата од една страна дополнително би се зајакнала преговарачката моќ во однос на добавувачите на Конзум, а од друга страна во однос на купувачите на произведувачкиот прехранбен дел на концернот.

Мерките се насочени главно на Град Загреб и загрепската жупанија, каде концентрацијата има најголем негативен ефект. Само во Загреб ќе треба да деинвестира 26 продажни места, што значи дека Агрокор ќе треба да ги продаде или да ги даде под закуп на одреден рок.

Во декември минатата година, словенечката агенција за заштита на пазарната конкуренција (АВК) позитивно ја реши пријавата на хрватски Агрокор за концентрација во врска со спојувањето со Меркатор. Словенечкиот регулатор од Агрокор не побара никакви дополнителни мерки, затоа што оцени дека концентрацијата на словенечкиот пазар нема да доведе до битно намалување на ефикасноста на конкуренцијата.

Во Србија пак, Советот на Комисијата за заштита на конкуренција донесе решение според кое на Агрокор условно му одобри купување на Меркатор, односно Комисијата заклучила дека концентрацијата не може да се одобри без примена на соодветни структурни мерки кои подразбираат дека Агрокор треба да го отстапи / продаде своето малопродажно работење на некој од конкурентите во оваа дејност. Овој услов се однесува на 21 продажен објект (алтернативно 22), во 15 градови/општини во Србија, со нето продажна квадратура од околу 20.000 метри квадратни.