Турција ја разгледува можноста гасоводот Јужен тек да поминува преку нејзиното копно, наместо по дното на Црното море, како што беше првично планирано, доколку Русија даде таков предлог.
Ова го истакна турскиот министер за енергетика, Танер Јилдиз, кој нагласи дека турската страна сака тоа прашање во иднина да го разгледа со раководството на руската компанија Газпром, најголемиот дистрибутер на гас во Европа, пренесува Ројтерс.
„Ние сме подготвени да ја анализираме идејата за тоа Јужен тек да поминува и низ нашата територија“, истакна Јилдиз.
Гасоводот Јужен тек, кој има капацитет од 63 милијарди кубни метри, минува низ Црното море во земјите од јужна и централна Европа, заобиколувајќи ја Украина со цел да се диверзификува маршутата за извоз на природен гас.
Јужен тек, чија изградба официјално почна во декември 2012 година, ќе ја поврзува Русија со Бугарија, а потоа преку Србија, Унгарија и Словенија ќе оди кон западна Европа. Планирано е првиот гас од Јужен тек да протече на крајот на 2015-та година, а се очекува гасоводот полниот капацитет да го достигне во 2018-та година.