Влезот на Филип Морис ќе го подине квалитетот на тутунската индустрија во Македонија

40

Влезот на Филип Морис во Македонија ќе го подигне квалилтетот на тутунската индустрија во Македонија, сметаат од Стопанската комора на Македонија.

Според претставниците на стопанствениците, влегувањето на Филип Морис во Тутунскиот комбинат Прилеп и потпишувањето на договорот за стратешко партнерство е особено позитивно за Македонија.

“Сметаме дека ќе се подигне квалитетот на повисоко ниво и ќе се отворат многу повеќе можности за Тутунскиот комбинат Прилеп“, рече денеска Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Тутунската индустрија во државата, како што рече тој, е стабилна и покрај негативните трендови во светски рамки со Рамковната конвенција за контрола на тутунот која е закана за ориенталниот тутун.

„Не може да се зборува за конкретни бројки, можеме само да претпоставуваме. Ова што се случи со Светската здравствена организација ќе трае уште долго. Има голем број земји кои се против и ние успешно се спротиставуваме. Колкави би биле штетите зависи од тоа што ќе се случува понатаму“, рече Ристовски.

Тутунската индустрија во Македонија е една од позначајните во државата. Минатата година склучени се 42.367 договори за откуп на тутун, а извезени се 25.444 тони тутун со просечна цена од 6,1 американски долари по килограм со што е остварен девизен прилив од 155 милиони долари. Оваа индустрија учествува со 16% до 18% во бруто домашниот производ, а со околу 30% го полни и Буџетот на државата.