Апликацијата Bee Clever најдобра на Вип македонски предизвик

119

Aпликацијата Bee Clever на Игор Христов, Герчо Атанасов, Марија Петрушевска, Љупчо Јовановски, која претставува уникатен концепт за рана едукација на деца преку забавни игри е прогласена за најдобра апликација на конкурсот Vip Македонски предизвик.

Игрите BeeClever се фокусирани на предучилишното образование односно деца на возраст од три до седум години. Главната награда за победничката апликација е 5.000 евра, премиум договор за поделба на приход од 90% за програмерот, бесплатна промоција на апликацијата од страна на Вип оператор во период од 12 месеци и Samsung Galaxy Note 10.1.
Најиновативна апликација е Прелистај на најмладиот учесник Филип Димитровски (13). Прелистај е социјален читач на вести и групни попусти. За најкорисна апликација е прогласена iLearn на Огнен Плавевски – апликација која овозможува креирање на курсеви и часови и таргетирање на истите кон одредени студенти и ученици со текстуални, аудио, видео содржини и тестови кои го проверуваат знаењето на учениците. За најпопуларна апликација според интересот на корисниците е Doktori.mk на тимот Мартин Митревски, Виктор Митревски и Ема Танаскоска. За дебитант на предизвикот е прогласена апликацијата Нутрио на Александра Матеска, Милан Захариев, Јасмина Пазарџиска, Бисера Јанкуловска и Михјало Павловски.

Секоја од овие четири апликации беа наградени со договор за поделба на приход од 80% за програмерот, бесплатна промоција на апликацијата од страна на Вип оператор во период од три месеци и Samsung Galaxy SIII.

Преку конкурсот Vip Македонски предизвик, Вип оператор ги „предизвика“ сите поединци, компании, студенти, ученици, универзитети и групи да креираат апликации кои ќе бидат наманети за паметните телефони кои работат на Android платформа. На конкурсот беа пријавени вкупно 55 апликации.

Ова е втор по ред Android предизвик кој Вип го организира за развој на локално применливи апликации.

За првпат во Македонија е отворена Vip Store, продавница за мобилни апликации која ќе им овозможи на програмерите да ги ставаат своите апликации. Сите апликации веќе се достапни за симнување од Вип продавницата.