Фото: Pixabay
Кога нештата престануваат
да растат и да се развиваат – почнуваат да умираат!
Ч. Гоу
Нашата тенденција да си поставуваме цели и да се стремиме кон нивно остварување е стара колку што е старо и човештвото. Иако во денешно време природата на целите е сосема разновидна, сепак човекот ја задржал како своја карактеристика силата која го води кон успех, која не дозволува да се откаже и која му причинува задоволство. Тоа е мотивацијата. Тешко се одржува во константно ниво, наивно се познава кога ќе ја снема и еуфорично е видлива кога ќе го обземе човекот.
Најголемите успеси ги следат компаниите кога во нив работат мотивирани работници. Па така, една од најбараните особини на шефот е да умее да ги мотивира своите вработени. Воопшто не е едноставно, а не може ниту да се генерализира, да се пронајде соодветен начин за мотивација. Разликите се на индивидуално ниво и тоа што е мотивирачко за еден, можеби е демотивирачко за друг. Познавајќи ги добро своите вработени, од работодавецот се очекува да умее да ги дознае мотивирачките фактори за секој поединец во компанијата. Подигнувањето на мотивот за работа покрај тоа што и носи успех на самата компанија, значително го подобрува задоволството од работата на луѓето во неа.
Најчесто една од причините поради кои претпоставениот не умее да ги мобилизира вработените за работа, е фактот дека ниту тие самите не знаат што ги мотивира.
Што ве мотивира вас?
Задржете се слободно на ова прашање сė додека не пронајдете пет – шест фактори. Потоа запрашајте се дали истите важат и за вашите соработници? Дали тие фактори се реални?
Во едно сигурна сум ќе се согласиме. Плата.
Паричната добивка за извршената работа во последно време е еден, можеби и единствен фактор доколку од сė друго сме “кренале раце”. Постојат некои правила кои е добро да се почитуваат за да се зголеми мотивираноста, поврзани со плата:
- Платата мора да соодветствува со работниот ангажман и одговорностите кои тој ги носи;
- Мора да постои јасна и дефинирана поврзаност помеѓу резултатот и наградата;
- Системот за наградување потребно е да се заснова на позитивните, а не на негативните последици од однесувањето на работа;
- Зголемувањето на платата мора да се оствари директно и непосредно по зголемување на успешноста;
- Разликите во платата помеѓу добрите и лошите работници мора да бидат значајни за да се стимулира квалитет и продуктивност.
Покрај материјалната компензација како темел на мотиваторската снага кај вработените, потребно е да се разработи и систем од нематеријални поттикнувачи кои можат да допринесат во подобрување на успешноста на самата компанија, а воедно и на вработените во неа. Ваквиот систем е од повисок ред бидејќи ги задоволува некои од повисоко рангираните потреби на човекот во хиерархијата според Маслов. Таква е потребата за самоактуелизација како крајна цел за која е потребно да се пронајдат соодветни техники и вештини за постигнување. Некои од подвоените начини да стигнеме до самоактуелизација е да достигнеме личен развој и потврда, уважување и статус.
Доколку сакате да ги мобилизирате вработените добро е да посветите внимание на давање признание и feedback, давање можност за флексибилно работно време, можност на вработениот да партиципира во некои одлуки, можност да го надоградува знаењето, можност за усовршување и развој на кариерата итн. Сите овие нематеријални, заедно со материјалните стратегии го сочинуваат целовитиот мотиваторски систем.
Доколку самоиницијативно сакате да ја подигнете својата мотивација која забележувате дека опаѓа во последно време, може да направите неколку промени за почеток:
- Направете пријателска атмосфера во вашата канцеларија;
- Променете ја рутината во секојдневните работни обврски;
- Поставувајте си едноставни и за краток рок остварливи цели;
- Пофалете се самите себе и допуштете си симболична награда за постигнатиот успех;
- Користете хумор и смеење кои влијаат за позитивно расположение.
Постојат повеќе причини поради кои луѓето полесно или потешко ги извршуваат своите работни задачи. Со сигурност мотивацијата има големо влијание бидејќи ја покренува кај вработените енергичноста, позитивното расположение, продуктивноста, креативноста и оригиналноста во работата. Со тоа единката си обезбедува добра работна атмосфера за себе и голем број поволности за организацијата.