Сивата зона во Србија ја чини државната каса околу три милијарди евра годишно. Популарните Милка чоколади, козметика, храна, тутун, нафтени деривати… сето тоа се продава во сивата зона, поради што компаниите кои легално тргуваат со овие производи годишно губат стотици милиони евра.
Според членот на управата на Меркатор група и Управниот одбор на Српската асоцијација на менаџери, Станка Пејановиќ, уделот на сивата економија во Србија е 32% БДП, јавува Танјуг.
“Кога ги прашувам луѓето зошто купуваат козметика на пазар, велат дека им е 20% поевтина”, рече Пејановиќ на конференцијата посветена на сивиот пазар.
На конференцијата се изнесени податоци дека само од шверц на Милка чоколадата, државата во 2013 година загубила околу два милиони евра, а сивиот пазар на нафтени деривати направил загуби и до 100 милиони евра во 2011 и 2012 година. Поради шверцот со тутун, легалниот пазар на тутун е паднат за 20%, а државата од октомври 2012 година до сега изгубила околу 200 милиони евра.