Ако се оди според планот, на западниот брег на Брач во следните неколку години ќе се градат три луксузни хотели и 72 луксузни вили. Проектот Кралство на маслинките ќе биде првиот ресорт наменет за ултрабогатите гости. За нив ќе се изгради цело место со продавници и ресторани и по еден хотел во секоја од трите туристички зони (Јунче раван, Голо брдо, Облучје) со вкупно 235 соби. Со дополнувањето на Просторниот план на сплитско – далматинската жупанија, со кој на подрачјето на општина Сутиван се додадени овие три нови туристички зони со вкупна површина од 160 хектари, словенечкиот бизнисмен со хрватско потекло, Иван Капетановиќ е на чекор до реализација на Кралството на маслинките, проект вреден половина милијарди евра, пишува Пословни дневник.
Заедно со вилите, комплекот ќе има 1.760 лежаи, а гостите ќе ги служат 2.000 луѓе. Хотелските соби ќе бидат просечно по 100 квадрати, а вилите, кои ќе бидат наменети за наем и продажба, ќе опфаќаат по 1.000 квадрати и хектар земја. Ќе се гради со брачки камен, во традиционален стил, во согласност со околината. Секоја вила чини десетина милиони евра, а Капетановиќ очекува гости да бидат екстремно богати луѓе, чие богатство не се мери со милиони, туку со стотици милиони долари. Целиот комплекс ќе биде сместен меѓу лозови насади и маслинови дрвја.
“Богатите не можат да мируваат, ним постојано треба да им се случува нешто. Затоа, на пример, ќе ги водиме со хеликоптери на Велебит, каде ќе подигнеме мал елитен планински хотел. На крајот на краиштата, ќе им дадеме мотики, па нека копаат, за нив тоа е врвно доживување. Ќе направиме планинарски и велосипедски патеки по Брач, а за оние што сакаат класична забава, ќе отвориме казино од затворен тип”, вели Капетановиќ за Пословни.
Гостите ќе пристигнуваат на аеродромот на Брач, а оние што ќе слетаат во Сплит, ќе бидат носени со хеликоптер. Богатите ќе можат да пристигаат и со сопствени јахти, затоа што секоја вила ќе има сопствено сидриште.