Тутунарите да го почитуваат договореното производство од 26.000 тони за реколтата 2014/2015, бидејќи во спротивно тоа што е вишок нема да се откупи, велат од Стопанската комора на Македонија.
“Пропорционалното намалување на површините под тутун за 20% договорено во Министерството за земјоделство, ќе се проектира и на терен. Оштетени нема да има затоа што сите производители ќе партиципираат во редукцијата зависно од големината на површините“, рече Васко Ристовски од СКМ.
Оттаму истакнуваат дека производството на тутун во земјава не е загрозено, но можни се последици поради зголемениот род во земјите од соседството.
Македонија оваа година произведе 32.000 тони тутун, што е исто така рекордна количина.
Најголеми побарувачи на македонски ориентален тутун се Белгија, Бугарија, Германија, САД, а на тутунски производи БиХ и Србија.
Оваа година извозот достигна 26.000 тони тутун од што се инкасирани 120 милиони евра, како и 3.000 тони тутунски производи т.е. 20 милиони евра.