Најстарата индиска фабрика за производство на автомобили Hindustan motors го запре производството на еден од најпознатите модели – Амбасадор, што скоро седум децении важеше за возило на елитата во Индија.
Поголемиот дел од овие автомобили ги купувале такси компаниите ширум земјата, како и државните институции, а Hindustan motors соопштува дека и таа побарувачка е значително намалена. Емисијата на BBC – Top Gear, Амбасадорот го прогласи за најдобро такси возило во светот, додека меѓу британските колекционери тој модел е ценет и достигнува висока цена.
Не е познато колку долго ќе биде запрено производствто, но Hindustan motors, чие седиште е во Калкута, изрази надеж дека ќе продолжи производството по реструктуирање и враќање на долговите. Производството е запрено и поради неисплата на платите на околу 2.500 вработени.
Амбасадор е голем и тежок автомобил што има голема потрошувачка на гориво и станува се помалку интересен за возачите кои се одлучуваат за современите и поевтини автомобили од странство. Околу 80% од автомобилите што се продаваат во Индија се помали, полесно се маневрира со нив низ густиот сообраќаен метеж и ги задоволуваат потребите на растечката средна класа.
Hindustan motors почна со производството на Амбасадор во 1948 година по моделот на британски Morris Оxford mark III. Минатата година се продадени само 2.214 автомобили од овој тип, што е огромен пад во однос на 80-тите години, кога се продавале по 24.000 модели од овој автомобил.
Познат како “голема стара дама“, овој автомобил повеќе од пет децении бил скоро и незаменлив, дури и за државниците и познатите личности од високиот општествен живот.
Неговата заоблена каросерија и богато тапацирано задно седиште предизвика воодушевување кај туристите и другите патници кои се носталгични за минатото, додека голем дел од Индијците и понатаму белиот Амбасадор го третираат како официјално државно возило.
Компанијата, чија загуба минатата година ја надмина вредноста на капиталот, наведе дека фабриката во Калкута се соочува со големи проблеми, од ниска продуктивност, недисциплина на вработените, како и намален обрт на финансиски средства поради намалената продажба на автомобили.