Првостепениот суд на Европската унија ја потврди казната од 1,06 милијарди евра што Европската комисиија во 2009 година ја одреди на американскиот производител на компјутерски чипови – Интел, поради кршење на правилата за пазарна конкуренција.
Интел, кој поседуваше околу 70% од пазарот на процесорите х86 во ЕУ, е казнет поради злоупотреба на доминантната пазарна позиција меѓу 2002 и 2007 година бидејќи се обидуваше од пазарот да го исклучи својот единствен сериозен конкурент, AMD (Advanced Micro Devices), пренесува Алџазеира Балкан.
Компанијата им одобрувала попусти на производителите на компјутери како што се Dell, Lenovo, HP и NEC да ги купуваат нивните процесори.
На клиентите, исто така, им плаќала да го одложат или откажат производството на компјутери со процесори на AMD.
Станува збор за најголема казна што Европската унија ја одреди на некоја компанија поради кршење на правилата за пазарна конкуренција.
Интел поднесе жалба до судот со барање да се укине или значително да се намали казната. Првостепениот суд ја отфрли жалбата во целост и ја потврди одлуката на Европската комисија.