Туристичките агенции во Црна Гора се борат за опстанок или се пред скоро гасење, а причина за тоа е високиот степен на нелојална конкуренција преку интернет, сметаат во Црногорското туристичко здружение.
“Последните години дел од агенциските посредувања во услугите за сместување, излети и рент-а-кар се преселија на интернет, што е логично затоа што сите се адаптираме на новите технологии, но притоа мора да се почитуваат законите на државата”, велат од Здружението, барајќи од Управата за инспекциски надзор да преземе мерки за сузбивање на сивата економија која произлегува од работата на нелегалните сајтови, пишува Побједа.
Од Здружението велат дека веќе укажувале на проблемот на работата на интернет со посебен осврт на огласните сајтови, како и сајтовите на странските агенции. Тоа се главно сајтови без дефинирана сопственост и идентитет, спротивно на Законите за електронски медиуми и огласување во Црна Гора. Тие бараат да се изврши детална контрола на работењето на ваквите огласувачи, со акцент на обврската за плаќање данок на територијата на Црна Гора, каде што остваруваат промет. Посебен проблем се странските реномирани сајтови кои посредуваат во издавање на сместувачки капацитети во објекти без одобрение за работа, а за таков прекршок по Законот за туризам, домашна туристичка агенција би платила казна од 2.500 до 12.000 евра. Ваквите интернет страници и агенции по правило не плаќаат данок на остварена добивка, а чести прекршители се и агенциите за недвижности кои потполно отворено посредуваат во услугите издавање на сместување, велат од Здружението.