Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ и поранешната женска тениска шампионка Били Џин Кинг вложија по 3,5 милиони долари во проектот Smart Court, нова технологија за спортска анализа на компанијата PlaySight, за која израелските медиуми тврдат дека би можела во целост да го промени начинот на кој се игра тенис, пишува Пословни дневник.
Smart Court е технологија со чија помош се анализира играта, а замислена е така што ги мери сите параметри кои се воочливи кај играчот на тенискиот терен. Оваа технологија обезбедува тактичко тродимензионално управување со играта, информации и целосна статистика во реално време, што значително ќе им помогне на тенисерите во подобрување на играта. Со помош на израелската технологија искуството за играње тенис станува дигитално и интерактивно.
Сите информации и содржини што ги прибира и анализира Smart Court може да се споделат на интернет преку социјалните мрежи, што укажува на можноста за помасовна примена на новата технологија.
Креаторите на оваа технологија тврдат дека нивниот систем за анализа на играта можат да ја користат не само професионалците, туку и аматерите. Инвестицијата на Ѓоковиќ и Били Џин Кинг, две големи тенисерски имиња, би требало да овозможи Smart Court полесно да го освои пазарот, како дополнителен развој на спортските апликации кои ќе можат да се променат и во другите спортови како што се кошарка, фудбал, хокеј и други.
Меѓународната тениска федерација (ИТФ) дозволи користење на Smart Court на аматерските турнири, но таа технологија е инсталирана и на терените на Roland Garros во Париз, Queen’s Club во Лондон, Академијата Стефан Едберг во Шведска, Тениската академија Laurence во Холандија, како и во Израел.
Компанијата PlaySight пред три години ја основаа израелски експерти за 3D визуелизација. Седиштето на компанијата е во Њујорк, но канцеларијата за истражување и развој се наоѓа во Кфар Саба во Израел.