Претставници на Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија се сретнаа со претставници на компанијата Ikea за решавање на инфраструктурните прашања, што се предуслов до крајот на 2016 година во Белград да се отворат првите продавници на најголемиот светски синџир за продажба на мебел, пишува Б92.
“Ikea планира отворање на две продавници во Белград, така што разговаравме за можностите за изградба на објект кај Бубањ Поток (на периферијата на Белград)“, рече Владислав Лалиќ, директор за недвижнини и развој за југосточна Европа на компанијата Ikea.
Тимот на српското министерство нагласи дека отворањето на производните, дистрибутивните и продажните капацитети на Ikea се од голема важност за Србија. Со цел поефикасна реализација на следните чекори, предложено е министерството, заедно со надлежните јавни институции и Дирекцијата за градежно земјиште и изградба во Белград, да потпишат протокол за соработка со Ikea со кој ќе се дефинираат обврските на двете страни.
Продажниот центар на Ikea во Загреб веќе се гради и треба да биде отворен на крајот на летото. Продажниот центар, на 38.000 метри квадратни ќе нуди преку 9.000 производи за уредување на домот, а во ресторанот со преку 600 места за седење ќе се нудат шведски и локални хрватски јадења. Ikea е во преговори за купување на земјиште и во Љубљана. Ikea потврди дека планира да влезе и на словенечкиот пазар, но отворањето на продажен објект во оваа земја во моментов не е во фокусот на ширењето на работењето. Првата продавница би требало да биде отворена во сезоната 2016/2017 година.