Интровертност VS Екстровертност

380

drva

Фото: Pixabay

Што е подобро, да сте интровертна или екстровертна личност? Во кои ситуации шансите да успеете се поголеми? Кои карактеристики, всушност, ги опишуваат интровертните, а кои екстровертните личности? Иако јас лично се сметам за интровертна личност, некои луѓе ми кажале дека во одредени ситуации се однесувам како екстровертна. Водена од таквите размислувања и прашања кои често си ги поставувам, го пишувам овој неделен совет.

Дали во вашето друштво или на работа сте забележале дека некои личности се издвојуваат повеќе од другите, полесно комуницираат со другите, немаат проблем во искажување на своите ставови, а некои личности најчесто стојат настрана, работат сами и во очите на другите изгледаат како воопшто незаинтересирани? Дали сте имале ситуации, непродуктивни состаноци и непотпишани договори, само затоа што едни луѓе премногу доминирале, а други не можеле, буквално, да дојдат до збор и се откажувале од нивните идеи кои можеби би биле многу поуспешни доколку другите ги ислушале внимателно и ги реализирале?

За прв пат концептите интровертност и екстровертност ги има дефинирано психијатарот и психотерапевт Карл Јунг во 20-тите години на минатиот век. Неговата теорија е дека секоја индивидуа е уникатна: и интровертните и екстровертните личности се два екстрема на една биполарна скала. Сите ние се наоѓаме помеѓу нив со поголема или помала тенденција кон едниот или кон другиот тип.

Во суштина, сите ние имаме одредена генетска структура и одредени преференции уште од мали, но многу често и самото опкружување влијае на тоа како една личност ќе се оформи и како ќе се однесува во различни ситуации.

Екстровертните личности најчесто ќе ги препознаете по тоа што: сакаат секогаш да бидат опкружени со многу луѓе, но ова понекогаш може да влијае голем дел од нивното време да го потрошат на непродуктивни разговори и состаноци;  забавни се, енергични, шармантни, често се во центарот на вниманието на секој настан, но понекогаш може да бидат многу напорни и да изгледаат како арогантни; динамични се и важно им е да се случува нешто ново, а задачите кои се монотони се, всушност, исцрпувачки за нив; префрлање од една тема на друга додека зборуваат не мора да значи дека заборавиле на тоа што претходно го кажале, туку од многуте мисли и идеи кои ги имаат во моментот не сакаат нешто да остане некажано.

Од друга страна пак, интровертните личности ќе ги препознаете по тоа што: преголемата фокусираност кон задачите им прави проблем да ги искажат појасно нивните мислења, но можат многу брзо да напишат некој многу важен извештај или е-mail додека другите околу нив дискутираат на различни теми; на состаноци најчесто се тивки слушатели и изгледаат незаинтересирано, но тоа што ќе го кажат најчесто е прецизно и директно; зборуваат одмерено, но доколку некој се вклучи ненајавено, може да биде стресно за нив дури и кога не ги прекинуваат во нешто значајно; тешко развиваат односи со другите, но односите и довербата што ќе ја развијат најчесто се долгорочни; често се поврзуваат со срамежливи личности. Срамежливоста може да се јави и кај екстровертите исто толку често колку и кај интровертите, но тие ја прикриваат со нивната динамичност и лесно префрлање на вниманието од една работа кон друга.

Денес пошироко е прифатен митот дека екстровертните личности се повеќе вреднувани на работа, полесно добиваат работа, унапредување, и се подобри продавачи, но историски гледано, личностите со поголема интровертност имале поголема доминација и биле сфатени како позрели, понадарени и полесно доаѓале до суштината на проблемот. Доколку се прашувате дали интровертните личности можат позитивно да влијаат на другите и да бидат добри лидери, тогаш прочитајте повеќе за Ворен Бафет, Бил Гејтс, Опра Винфри, Марк Цукерберг, Алберт Ајнштајн, Махатма Ганди, Чарлс Дарвин, Њутн, Елеонор Рузвелт, Стив Вознијак и уште многу други.

Kонфликтите помеѓу колегите (или луѓето генерално) најчесто настануваат поради тоа што прво не се познаваме добро меѓу себе и не си ги почитуваме разликите. За да ги елеминирате конфликтните ситуации може да примените некој од советите за тоа како да се однесувате кон интровертните и како кон екстровертните.

Доколку сте екстровертна личност, тогаш:

  • почитувајте ја приватноста на интровертните;
  • кога им делегирате нови задачи, оставете им малку време да ја набљудуваат целосната ситуација и не барајте им одговори веднаш;
  • не прекинувајте ги;
  • одвојте дел од вашето време и дадете им што е можно поконкретни насоки;
  • не посрамотувајте ги  јавно пред другите;
  • почитувате ја нивната интровертност и не обидувајте се да ги промените во екстровертни.

Доколку, пак, сте интровертна личност, тогаш:

  • почитувајте ја независноста на екстровертните;
  • давајте им пофалби и комплименти;
  • прифатете го и охрабрете го нивниот ентузијазам;
  • дозволете им да ги искажат нивните ставови и размислувања;
  • понудете им опции за различни ситуации;
  • оставете ги да блескаат.

Со успех во имплементација.