Светскиот пребарувач Yahoo ја купи старт – ап компанијата RayV од Израел, што е една од водечките компании што се занимава со дистрибуција на HD видео содржини на мобилни уреди, пишува Wall Street Journal.
Оваа израелска компанија, основана во 2005 година, е една од компаниите во видео сегментот со кои преговараше извршната директорка на Yahoo, Мариса Маер во последните неколку месеци.
Финансиските детали околу преземањето на старт – ап компанијата не се откриваат.
“Овој договор ја покажува нашата посветеност на забрзување на нашата видео стратегија и зголемување на нашата инфраструктурна поставеност на интернет“, велат од Yahoo.
RayV е софтверски пакет што вклучува дистрибутивна мрежа, систем за управување со видео содржини, како и управување со дигитални права.
Оваа аквизиција Yahoo ја соопшти истиот ден кога ја претстави платформата за бесплатно емитување на видеа во живо или по нарачка.
Седиштето на компанијата е во Лос Анџелес, но процесот на истражување и развој се одвива во Тел Авив. Од Yahoo велат дека поголемиот дел од тимот на RayV ќе се приклучи кон страницата R&D на Yahoo во Тел Авив.
Yahoo, претходно, ги купи и трите израелски старт – ап компании Dapper, Foxy Tunes и FareChase.