Шест години по купување на земјиштето во хрватската општина Ругвица и конечната реализација на вкупната инвестиција од 100 милиони евра, Ikea во Хрватска се отвора на 21 август, вели Георг Платзер, менаџер на првата продавница на Ikea во Загреб, јавува Јутарњи лист.
“Отворањето да биде на 21 август е наш интерен план. Се уште ја чекаме работната дозвола која ја очекуваме следната недела“, вели Платзер.
За самото отворање на 21 август во Ikea не се планираат никакви посебни акции ниту попусти поради стравот од големиот метеж.
Продавницата на овој шведски гигант во Загреб ќе се простира на површина од 38.000 метри квадратни, ќе вработи 340 лица, а ќе бидат понудени најмалку 9.500 производи. Неколку стотина илјади каталози се веќе испечатени за хрватскиот пазар и наскоро ќе бидат дистрибуирани.