Хрватска во септември ја добива првата Lego продавница

132

lego

Во септември во загрепскиот Арена центар се отвора екслузивната продавница на Lego, што ќе биде прва во Хрватска, но и на подрачјето на југоисточна Европа, јавува Пословни дневник.

Продавницата ќе се протега на над 150 квадратни метри, а купувачите ќе можат да уживаат во целокупниот асортиман на креативните играчки за деца и возрасни – Lego, вклучувајќи ја ексклузивната линија на производи Architecture и Technic, за архитекти, инженери и сите оние кои така се чувствуваат, како и комплетот Star wars за љубителите на овој легендарен серијал.

Освен овие комплети од лего коцки и многу производи, посетителите од таканаречениот Pick a Brick ѕид во продавницата ќе можат да одберат коцки по сопствена желба и да ги купуваат на килограм. Во продавницата со помош на специјализираниот Build a mini ќе може да се креираат и сопствени и единствени Lego фигури, избирајќи меѓу илјадниците составни делови и комбинации.

Од основањето на Lego досега се произведени повеќе од 700 милијарди лего коцки, односно дури 94 коцки за секој човек на планетата Земја. Lego е семејна компанија со седиште во Данска. Основана е во 1932 година, а денес лего коцките можат да се купат во повеќе од 132 земји ширум светот, вклучувајќи ја и онаа во Хрватска од оваа есен.