Конзум и Меркатор продаваат или даваат под закуп 95 трговски објекти во Хрватска

46

konzum

Конзум и Меркатор – Х вчера понудија на продажба или под закуп 95 трговски објекти во Хрватска, поради исполнување на условите на регулаторот врзани за преземањето на Агрокор на словенечки Меркатор. Најмногу трговски објекти се понудени во Загреб, 25.

Првото писмо на намери сите заинтересирани претприемачи кои се занимаваат со трговија на стока за широка потрошувачка можат да ги пратат најдоцна до 18 август, пишуваат хрватските медиуми.

Понудувачот не смее да биде поврзан со Агрокор или Меркатор или со членови на нивните управи и мора да располага со финансиски средства на основа на кои оправдано може да се претпостави дека ќе може да работи на пазарот.

Хрватскиот концерн Агрокор, под чија капа се наоѓа ланецот трговски маркети Конзум, во јуни купи 53% удел во словенечки Меркатор. Притоа Агенцијата за пазарна конкуренција во Хрватска условно ја одобри концентрацијата, а во одобрувањето беше вклучена обврската за продажба или давање под закуп на трговски објекти, односно продавници од мрежата на Конзум и Меркатор.

Во декември минатата година, словенечката агенција за заштита на пазарната конкуренција (АВК) позитивно ја реши пријавата на Агрокор за концентрација во врска со спојувањето со Меркатор. Словенечкиот регулатор од Агрокор не побара никакви дополнителни мерки, затоа што оцени дека концентрацијата на словенечкиот пазар нема да доведе до битно намалување на ефикасноста на конкуренцијата. Во Србија пак, Советот на Комисијата за заштита на конкуренција донесе решение според кое на Агрокор условно му одобри купување на Меркатор, односно Комисијата заклучила дека концентрацијата не може да се одобри без примена на соодветни структурни мерки кои подразбираат дека Агрокор треба да го отстапи / продаде своето малопродажно работење на некој од конкурентите во оваа дејност. Овој услов се однесува на 21 продажен објект (алтернативно 22), во 15 градови/општини во Србија, со нето продажна квадратура од околу 20.000 метри квадратни. Советот за пазарна конкуренција на Босна и Херцеговина допушти концентрација на Агрокор и Меркатор на подрачјето на БиХ.

Со оваа аквизиција се создава малопродажен гигант од 64.000 вработени, со мрежа од 3.500 продажни објекти во девет држави и седум милијарди евра приход годишно.