Мирни плажи се трансформираат во скапи и приватни барови во Турција

95

bar na plaza

Скапи клубови покрај плажа и приватни плажи се одлика на многу монденски туристички дестинации. Турција е една од најпосакуваните земји за одмор на голем број туристи од целиот свет, па токму во оваа земја постојано се зголемува бројот на вакви клубови, што остваруваат огромни приходи на дневно ниво.

Она што порано беа пријатни и мирни плажи за целото семејство, како на пример некои плажи во Бодрум и Чешме, сега се трансформирани во приватни и скапи клубови. За влез се наплаќа од 10 до 13 евра, едно шише вода чини околу 3,5 евра, што е 20 пати повисока од просечната пазарна цена, додека алкохолните пијалоци достигнуваат цена и над 430 евра, пишува Хуријет.

За разлика од јавните плажи, на посетителите на овие приватни плажи не им е дозволено да носат храна, па доколку сакаат да ручаат, тогаш на располагање им стои прилично скапо мени. Традиционалниот лахмаџун се продава по цена од 10 евра, што е десет пати повеќе од просечната цена. Со дополнителни 10 евра за паркинг, дневно уживање на една ваква приватна плажа со бар ќе чини во просек околу 50 евра.

Со цел да се привлечат што е можно повеќе гости, диџеите пуштаат гласна музика, а за да се резервира место на некоја забава понекогаш е потребно тоа да се направи неколку дена претходно.