Папирусот, што се користел во древен Египет, може да послужи како значаен филтер против загадувањето на водата, покажуваат податоците од книгата “Растението што го промени светот“, што ја раскажува историјата на ова растение и неговите својства што можат да се користат во светот.
Податоците од книгата велат дека папирусот е едно од највредните растенија во светот и покрај фактот што речиси целосно исчезна по пресудната улога во развојот на египетсата цивилизација, јавува агенцијата АНСА.
Нејзиниот автор Џон Гаудет, целиот свој живот го посвети на проучување на растенијата и верува дека папирусот може да му помогне на Египет и на другите африкански земји да ги решат најголемите еколошки проблеми со кои се соочуваат.
Папирусот е растение што расте мошне брзо, но неговите еколошки својства не се доволно проучени, иако можеби е еден од најефикасните природни филтри против загадувањето. Со негова помош може да се прочисти водата со копање на канали како лавиринт во кои се сади ова растение, а потоа се пушта водата со цел да се извлече нечистотијата. Овие мочуришта со папирус се одлична средина за живот на милиони птици.
Папирусот во античко време во Египет се користел не само за пишување, туку и како храна, гориво, за изработка на чамци, украсување на слики, храмови, гробови, амајлии, огледала и накит.