Риба, пченка, сосови, додатоци за храна, шеќер, екстрат од слад, храна за животни, чоколада, соја и пекарски производи се топ 10 хрватски извозни производи во првиот квартал од 2014 година.
Иако се уште не се работи за големи бројки, резултатот на извозот остварен во првиот квартал оваа година според истиот период лани, со 48,6 милиони евра поголема заработка, внесе оптимизам кај компаниите од земјоделско – прехранбениот сектор. Во првиот квартал извозот донесе 282,5 милиони евра приходи, додека во истиот период во 2013 година изнесуваше 233,96 милиони евра, пишува Пословни дневник.
Забележан е раст на извозот на сите најважни пазари. На заедничкиот европски пазар, извозот е зголемен за 45%, а во регионот и пазарот на ЦЕФТА, растот е 11%. Пад е забележан само на пазарот на БиХ, од 5%.
На листата први пет извозни пазари за хрватските прехранбени компании се БиХ, потоа следуваат Словенија и Јапонија, четврта е Италија, а по неа следува Србија.