Google инвестира 300 милиони долари во систем на подводни кабли

48

google

Google ќе инвестира во нов проект за градење на транспацифички систем на кабли со цел да ги задоволи потребите за подобрување на брзината за пренос на податоци. Подводниот систем, наречен Faster, ќе чини 300 милиони долари и ќе има капацитет од 60 терабити во секунда.

Со оваа мрежа на кабли ќе се поврзат две крајбрежни локации во Јапонија со поголемите градови на американското западно крајбрежје, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Сан Франциско, Портланд и Сиетл. Тие ќе се поврзат со јапонските градови Чикура и Шима, но во план е поврзување со соседните кабелски мрежи со цел да се прошири нивниот капацитет и на другите азиски земји.

Се очекува работите на овој проект да започнат многу скоро, а од Google изразуваат надеж дека системот ќе профункционира во второто тримесечје на 2016 година. За да може Google во целост да го реализира овој проект ќе се склучи соработка со пет компании – China Mobile International, China Telecom Global, Global Transit, KDDI и SingTel.