Српските еко пелени од бамбус ќе освојуваат странски пазари, во план и македонскиот

247

dajdaj3

Соња Дакиќ и Виолета Матијевиќ идејата да прават платнени пелени ја добиле уште во 2009 година, кога Соња добила на подарок пелени од бамбус за својата двегодишна ќерка. Откако малечката ги израснала овие пелени, Соња и Виолета тргнале во потрага по исти такви, но се испоставило дека никаде во Србија не се прават ваков тип на пелени. Тогаш дошле на идеја, а зошто токму тие да не ги прават? Повеќе од една година барале материјал за да направат квалитетен производ. Материјалот кој денес го користат е произведен во ЕУ, а некои елементи ги набавуваат од Турција, Грција и Србија. Пелените сега веќе познати под брендот ДајДај, комплетно се кројат и шијат во Белград.

dajdaj2

“Беше голем предизвик да се донесат пелените од бамбус во Србија. Кога ќе се споменат платнени пелени, обично сите помислуваат на старите тетра пелени што ги користеле нашите мајки за нас, што ги вриеле и пеглале по цел ден. Токму затоа се трудиме што повеќе луѓе да видат како изгледаат овие пелени, да видат како се користат и да дознаат за нивните предности”, вели Соња Дакиќ за порталот еКапија.

Пелените од бамбус можат да се перат повеќекратно. Направени се од бамбус влакно, затоа што бамбусот ја штити кожата на бебето од иритација, ја чува животната средина, се одгледува без пестициди и впива подобро од памукот. Нивната уптреба е два до три пати поевтина од еднократните пелени. Пред две години, министерството за енергетика, развој и заштита на животната средина на Србија, поради тоа што не произведуваат никаков отпад, на ДајДај пелените им додели еко знак. Со тоа станаа првиот производ од текстил во Србија со еко ознака.

dajdaj1

“Согласно растот на побарувачката, планираме и зголемување на производството, а нашиот следен чекор е продажба надвор од границите на Србија. Засега испраќаме поединечни пратки, а во следните година дена планираме да договориме дистрибуција за Македонија, БиХ и Хрватска. Знаеме дека имаме добар производ кој има свое место на странскиот пазар, а конкурентен е по цената и квалитетот”, вели Дакиќ.