Производителите на облека и текстил во Бугарија забележаа рекордна продажба во 2013 година, од 1,8 милијарди евра. За споредба, во 2012 година извозот на компаниите од овој сектор е 1,671 милијарди евра, а максимумот е 2006 година, со 1,784 милијарди евра извоз, пишува софиски Капитал.
Раст се забележува и во обртот на големите 20 компании, каде зголемувањето во однос на 2012 година е над 13%, највисоко во посткризниот период. Овој позитивен тренд се задржува и во првите три месеци на 2014 година, прецизираат од Бугарската асоцијација на производители и извозници на облека и текстил.
Зголемена е побарувачката на облека и на домашниот пазар. Продажбата на мало минатата година се зголемила за 25% во споредба со 2010 година и за 13% во однос на претходната година. Но, домашниот пазар се уште не е пресуден за оваа индустрија, бидејќи 90% од производството е наменето за земјите од ЕУ.