Дубаи ја презеде официјалната апликација за iPhone и Android од софтверската компанија од Загреб, Мирео, и објави дека благодарение на таа технологија имаат напреден систем за паметно возење, што е подобар од Google maps, пишува Пословни дневник.
Апликацијата за состојбата на патиштата користи податоци добиени од полицијата и други јавни служби задолжени за тоа. Доколку има планирани работи на пат, аплицијата дава можност за избор на алтернативен пат за безбедно и брзо пристигнување на посакуваната дестинација. Апликацијата генерира и податоци за евентуални сообраќајни несреќи на патот, како и информации од локалните такси возачи.
Овој систем е посебно корисен за Дубаи, бидејќи поради брзиот раст на сообраќајот одредени улици во текот на денот добиваат посебен режим на движење, како што се улиците што водат кон аеродромот.
Ивица Силадиќ, член на управата на Мирео задолжен за развој и истражување вели дека Дубаи побара апликацијата да се интегрира со повеќе веб решенија.
“Во апликацијата моравме да додадеме и 3D визуелизација на знаменитостите како што е првиот хотел со седум ѕвезди, Бурж ал Арап и највисоката зграда во светот Бурж Калифа“, вели Силадиќ.
Оваа апликација во Хрватска е позната како Don’t panic, а новата верзија на тој софтвер што е лиценциран за поголеми деловни корисници и е достапен на App Store и Google Play, сега го носи името Genius Maps.