Атлантик Група со раст на приходите во првите девет месеци од 2014

23

AG

Атлантик Група во првите девет месеци од 2014 година оствари 506,2 милиони евра приходи од продажба, што претставува раст од 2,7% во однос на истиот период минатата година. Добивката пред камати и даноци (EBIT) изнесува 50,5 милиони евра и порасна за 0,7% во однос на првите девет месеци од 2013 година, додека нето добивката по малцинските интереси изнесува 27,9 милиони евра што претставува раст од 8,2%, стои во соопштението на компанијата.

“Во првите девет месеци од 2014 година Атлантик Група бележи раст во работењето со дополнително намалување на долгот и генерирање на стабилен паричен тек од оперативните активности. Иако делува во исклучително тешка макро и микроекономска средина, компанијата го прошири своето дистрибутивно портфолио, воведе иновации во производното портфолио, во тек е изградбата на новиот производен погон за енергетски барови (во согласност со предвидените рокови) со истовремен фокус на систематско управување со ризиците. До крајот на годината очекуваме да продолжиме со успешната оптимизација на трошоците и да ги реализираме зацртаните цели за профитабилност“, изјави Зоран Станковиќ, потпретседател на Групата за финансии и информатичка технологија.

Првите девет месеци од 2014 година беа одбележани со успешниот почеток на дистрибуцијата на палетата на производи на Унилевер (Knorr, Hellman’s, Axe, Rexona, Brut, Signal, Coccolino, Domestos, Cif и многу други) на пазарот во Хрватска и Словенија и изградбата на нова фабрика за енергетски барови Multipower од асортиманот на спортска и активна исхрана во Индустрискиот парк Нова Градишка, Хрватска.

Во согласност со договорениот временски рок, завршена е изградбата на нов погон на површина од 6.000 квадратни метри, комплетно опремен со инфраструктура, инсталации и хортикултурно уредување. Кон крајот на септември, Европската банка за обнова и развој и Атлантик Група потпишаа договор за кредитна линија во вредност од 10 милиони евра за инвестирање во изградба и опремување на оваа фабрика. Останатиот износ од шест милиони евра до вкупната вредност на инвестицијата се финансираше со сопствени средства.

За вкупниот раст на приходите од продажба на Атлантик Група во првите девет месеци од 2014 година највеќе придонесоа Стратешката бизнис област Деликатесни намази со раст од 3,3%, Стратешката бизнис област Спортска и активна исхрана со раст од 1,2%, Стратешката дистрибутивна област Меѓународни пазари со раст од 4,2% и почетокот на дистрибуцијата на принципалот Унилевер во Стратешката дистрибутивна област Хрватска и Дистрибутивната област Словенија. Кафето со удел од 19,4% во вкупните приходи од продажбата се истакнува како најголема поединечна категорија со 98 милиони евра приходи од продажба.

Гледано по пазари, најголем раст е остварен на пазарот во Словенија, раст од 19,8%, што претставува 15,2% од вкупните приходи од продажба. Пазарот во Хрватска има најголем удел во вкупните приходи од продажба со 25,7% и оствари раст од 6,4%. Пазарот во Русија и останатите земји од ЗНД остварија раст од 6,2% и со тоа учествуваат со 5,9% од вкупните приходи од продажбата во Групата.

Сопствените брендови на Атлантик Група учествуваат во продажбата со 67,8%, дистрибуцијата на производи од принципалите со 18%, фармацевтскиот ланец Фармација со 6,1%, додека производите кои Атлантик Група ги произведува како приватни брендови за големите бизнис системи во Хрватска и странство учествуваат со 8% во вкупниот приход од продажбата.