Групацијата Peugeot Citroen и американскиот гигант General Motors објавија дека ќе ја продлабочат својата алијанса со цел да ги намалат трошоците и да ги поправат резултатите на европскиот пазар, преку нов проект за заедничко развивање на мал трицилиндричен мотор. Тие заедно ќе развиваат три нови модели, кои ќе се продаваат како брендови под Opel и Vauxhall на GM, како и под Peugeot Citroen, почнувајќи од 2016 година.
“Постигнавме значителен напредок во нашата алијанса со PSA што ќе го зајакне нашето партнерство. Двата партнери имаат можност да реализираат проекти што не би можеле да ги спроведат самостојно”, изјави Стивен Гирски, претседател на GM Европа.
Францускиот и американскиот произведувач на автомобили направија алијанса претходно годинава откако GM презеде 7% удели во Peugeot.