Компанијата Пакомак денеска потпиша двегодишен договор за соработка со општина Штип, за ефикасно организирање на одделното собирање на отпадот од пакување, кој се создава на подрачјето на општина Штип. Договорот предвидува соработка во делот на примарната селекција, во поставување на садови за селекција на отпадот, но и во секундарна селекција на тој отпад на соодветна постројка, во дополнително обработување на отпадот од пакување со цел да се додаде крајна вредност на истиот.
Со овој договор Пакомак се обврзува да вложи 4 милиони денари во општина Штип, а исто толку сопствени средства за оваа намена ќе вложи и општината, изјави градоначалникот на Штип г. Илчо Захариев. Сите договорени активности се во согласно со Законот за управување со пакување и отпад од пакување, со цел да се организира ефикасен систем за собирање на отпадот, селектирање и преработка на отпадот од пакување.
Изминатава година Пакомак и донираше на општината 70 контејнери за пластика од 1,1 м3 и преса, што заедно со следните активности севкупно ќе придонесе кон подобрување на комуналната инфраструктура во градот. Оваа година беа собрани 70 тони амбалажен отпад, а екологијата и здравата животна средина и понатаму ќе бидат еден од нашите најголеми приоритети. Сакаме Штип да биде “зелен” град и токму поради тоа и во иднина ќе правиме се што е во нашите можности да ја подобриме инфраструктурата, изјави Захариев.
“Пакомак и понатаму ќе продолжи со инвестиции во комуналната инфраструктура во општината, како и во другите градови низ републикава. Со инвестиците кои ќе бидат реализирани во следниве две години, очекуваме значајно да се подобри состојбата, и дека на различни локации ќе има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија и лименки, како и специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Амбалажниот отпад учествува со 70% во волуменот на вкупниот отпад кој го фрлаат граѓаните. Секако и граѓаните треба да дадат свој личен придонес, односно во одделна кеса да ги собираат пластичните шишиња, лименки и хартија и да ги фрлаат во посебен контејнер, најчесто жолт или син по боја, се разбира во оние место каде нив ги има. Со тоа сите Ние заеднички придонесуваме да имаме почиста земја, правејќи заштеда на природните ресурси, енергија и почва”, изјави Филип Ивановски, директор на Пакомак.
Пакомак е најпосветениот колективен систем за управување со отпад од пакување во земјава, преку чиј систем поминува над 40.000 тони амбалажен отпад годишно, од кој дел се рециклира, во земјава или во странство, а дел трајно се одложува. Над 630 компании се членови во системот на Пакомак и тоа пред се се општествено одговорни деловни субјекти, кои покажуваат принципиелност во поглед на зачувувањето на животната средина.
Како резултат на своите заложби и вообичаената пракса, заклучно со 31.10.2014 година, Пакомак преку својата инфрастуктура и со своите соработници организираше селективно собирање и рециклирање на вкупно 9.107 тони амбалажен отпад од кои 4.847 тони хартија, 3.500 тони пластика, како и над 736 тони стакло, дрво, метал, со што се има заштедено околу 70.000 дрва и 4.000 тони нафта.