Словенечкиот пекар Дон Дон и хрватски Франк преговараат за заедничко учество во купувањето на словенечката компанија Жито, дознава неофицијално љубљански Дневник, пренесува Seebiz.
Претходно хрватските медиуми пишуваа дека интерес за учество во процесот постои кај компанијата Франк, но како член на конзорциум на понудувачи, ако најдат партнери.
Словенечкиот државен холдинг (СДХ) и уште шест фондови здружени во продажен конзорциум, во септември ја отворија првата фаза за продажба на 51,55% акции во Жито, чија моментална вредност според котацијата на Љубљанска берза е 46,2 милиони евра. Ако се оди според планот, Жито може да биде продадена на пролет оваа година.
Жито е една од 15-те компании кои словенечката влада ги стави на листата за продажба. Жито е еден од најголемите произведувачи на прехранбени производи во Словенија и регионот, со продукти во палетата пекарски производи, смрзната храна, кондиторски производи (Горењка, Шуми), зачини (Маестро) и други производи.
Досега имаше неколку неуспешни обиди за продажба на Жито.