Инвестициски самит за Македонија 2012

45

Во хотел Метропол, Охрид од 18 до 21 октомври 2012 година ќе се одржи „Глобалниот Инвестициски Самит за Македонија 2012“ прв и единствен настан од ваков вид  во нашата држава во организација на Македонија 2025. Македонија 2025 е невладина организација формирана од македонската бизнис дијаспора, која е посветена на создавање на просперитетна бизнис клима во Македонија. Главната цел на овој настан е поставување на платформа за стимулирање на економската соработка меѓу македонските компании и бизнис професионалците од дијаспората. Поради големиот интерес за учество на Самитот рокот за регистрација е продолжен до 1-ви Октомври 2012.

Пред македонската бизнис елита и бизнис претставниците од дијаспората ќе се обрати Претседателот на Република Македонија, Н.Е. Др. Ѓорге Иванов, а свое обраќање ќе има и Претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски. Останати врвни претставници на владиниот економски тим кои ќе ги претстават економските перспективи на земјата и можностите за инвестирање се Владимир Пешевски – заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Веле Самак – Министер за странски инвестиции, како и претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки развојни зони.

За првпат во Македонија на присутните ќе им се обратат над 30 бизнис лидери , светски експерти од различни области, меѓу кои врвни луѓе на Nokia Siemens, Blackstone Group, Reiffeisen Bank, Credit Suisse и канадската Mobilicity кои ќе дискутираат на следните теми:

  •  Глобални економско-политички перспективи
  •  Услови за водење бизнис во Македонија
  •  Инвестициска клима во Македонија: искуства од постоечките странски директни инвестиции
  •  Глобално конкурентни македонски производи и услуги: успешни модели на деловна соработка
  •  Финансирање на инвестициите и извозот: од микро-финансирање до капитални  финансиски инвестиции.
  •  Соработка со дијаспората во насока на создавање економски можности

„Постојат два многу важни сегмента во економскиот развој. Еден е да се привлечат и да се задржат странските инвеститори, а вториот е да се изгради конкурентска атмосфера на иновации, во која претприемачите ќе бидат способни да напредуваат и да бидат успешни. Наша цел е да помогнеме на двата фронта„ – изјави Џон И. Битов, член на одборот на директори на Македонија 2025 и еден од главните акционери во најголемата канадска еквити компанија Обелиск во интервју за Граѓански магазин.

Останати истакнати говорници и странски инвеститори во Македонија кои ќе учествуваат во својство на панелисти се претставниците на Van Hool – Белгија, Johnson Matthey – Обединето Кралство, Soravia Group – Австрија, SEAF – Холандија, Societe Generale Group – Франција,  Deutsche Telekom Group -Германија, итн.

На наше огромно задоволство, на присутните ќе им се обрати г-дин Филип ван Хол, сопственик на Ван Хол – Белгија, кој ќе зборува за отварањето на новата фабрика во Македонија. Ван Хол е најголемиот независен производител на автобуси и минибуси во Западна Европа.  Според г. ван Хол компаниите кои се фокусираат на иновација и работа според потребите на потрошувачите секогаш функционираат одлично. Тој ги познава многу добро пазарите, потребите на потрошувачите и остварливоста на новите проекти. Тој не го негува традиционалниот однос снабдувач  – потрошувач, туку секогаш размислува за долготрајно партнерство. Иако најголемата страст му е бизнисот со автобуси, Филип не го губи фокусот на буџетите, како и контролата на трошоците.

„Умешноста во правење на вистинска процена е да се има како техничко така и финансиско знаење“, вели г. ван Хол.  Во 2001 тој беше назначен за член на ABC Companies, американска компанија која е ексклузивен дистрибутер на возилата Ван Хол низ Северна Америка. Тие имаат многу развиена мрежа за продажба на резервни делови и одржување на возилата во САД и Канада.

Друг истакнат говорник кој ќе не почести со неговото присуство е г-дин Хубертус ван дер Ваарт, ко-основач и извршен директор на Бордот на Директори на инвестицискиот фонд SEAF. Тој во доцните 90-ти години го основа SEAF фондот во Македонија со цел да го витализира приватниот сектор со нудење на капитал за проширување на малите претпријатија. Благодарение на неговото  долгогодишно  искуство како бизнис лидер, г-дин Ваарт  ќе  зборува за финансиските можности кои ги имаат компаниите во регионот и кои планираат да се прошират на светско ниво. Ќе ги изрази своите ставови во врска со економската состојба во регионот, последиците од многубројните турбуленции, како и предизвиците кои треба да се надминат.

Mеѓу бизнис претставниците од дијаспората има и такви кои веќе имаат развиени бизнис релации со Македонија и кои ќе го презентираат својот успешен бизнис модел на соработка. Емил Христов, сопственик на ЕМСА Солар  и член на Бордот на директори на Македонија 2025 ќе го пренесе своето искуство за инвестирањето во секторот за обновливи извори на енергија. Крис Павловски, основач на Cosmic Development, ќе зборува за можностите за инвестирање во ИТ секторот во Македонија. На присутните ќе им се обрати и Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и Alkaloid USA, ко-осоновач на Green Beauty и член на Бордот на Директори на Македонија 2025, која ќе зборува за можности за пласман на македонски производи на пазарот во САД.

Уште една истакната личност, претставник на македонската дијаспора, а која ќе се обрати на годинешниот Самит е Професор Славица Веит. Проф. Славица Веит е извршен директор на PEC International, енергетска консултантска компанија која специјализира во нафтената индустрија и се концентрира претежно на големи инвестициски проекти. Проф. Веит е од исклучително значење за нашата земја, затоа што уште од првите денови од осамостојувањето на Македонија е активен лобист во Обединетото Кралство и Европа. Нејзините достигнувања во промоцијата на нашата држава се признаени со доделувањето на високата државна награда „Св. Климент Охридски“. На Глобалниот Инвестициски Самит ќе зборува за нејзините претходни активности и искуства во мобилизирањето на Дијаспората за работа на економскиот развој на Македонија преку бизнис лобирање. Ќе ја претстави и својата визија за идни активности кои можат да се преземат во нашиот регион, а се однесуваат на поврзување и координирање на бизнис дијаспората.

На Самитот го потврдија своето присуство и странски компании од САД, Канада, Австралија како и повеќе земји од ЕУ кои се заинтересирани за соработка со македонските компании во следните области: Агробизнис, преработка на храна и вино; Финансиски и инвестициски услуги; Информатичко – компјутерски технологии; Производство и индустриски гранки; Недвижности, градежништво и туризам; Инфраструктура, енергетски и природни ресурси. Голем интерес покажаа и македонските компании од сите профили и сектори, мали и средни претпријатија и претпријатија кои котираат како најголеми и најуспешни македонски компании.

Своја поддршка на Глобалниот инвестициски самит за Македонија дадоа и следните институции:  Министерството за Економија, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенцијата за Иселеништво,  Американска стопанска комора – АМ ЧАМ, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Само компаниите кои ќе го регистрираат своето учество најдоцна до 1-ви октомври, со доставување на својот профил и лого, ќе бидат вклучени во официјалниот каталог на учесници кој ќе биде доставен до сите странски и домашни учесници