Нафтена индустрија Србија и партнерската компанија пронајдоа нафта во Посавина во Република Српска, изјави вчера за Танјуг министерот за индустрија, енергетика и рударство на Република Српска, Петар Ѓокиќ.
Ѓокиќ оценува дека пронајдените количини не се мали за РС, но за НИС како компанија не се доволни за да можат да почнат со експлоатација на нафта. Затоа се потребни дополнителни истражувања, да се утврди дали е можно да се зголеми количината на нафта која би можела да се црпи од тоа наоѓалиште.
Земен е примерок од 5.000 тони и таа количина сега е на анализа, а првите резултати говорат дека нафтата е со добар квалитет и може да се користи во понатамошен процес на производство.
Истражување на нафта и гас на територијата на Република Српска се врши преку 100 години и иако има неколку наоѓалишта со појава на нафта и гас, сè уште нема откриено комерцијални лежишта на нафта.