Русија го ратификуваше договорот за основање на развојната банка на БРИКС

46

BRICS-bank

Рускиот претседател Владимир Путин го стави својот потпис на Законот за ратификација на Договорот за основа на новата развојна банка на БРИКС (NDB), пишува Russia today.

Оваа развојна банка има за цел да ги предизвика двете најголеми финансиски институции во светот предводени од западните гиганти – Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. Клучната улога на NDB ќе биде обезбедување на финансии за инвестирање во големи инфраструктурни проекти во земјите членки на БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Според руското министерство за финансии, Новата развојна банка на БРИКС се очекува да почне со работа на крајот на годината, а седиштето ќе биде во Шангај. Претседателството, чиј мандат ќе биде пет години, ќе ротира помеѓу земјите членки. Индија ќе го назначи првиот ротирачки претседател, а Бразилец ќе застане на чело на Одборот на директори на банката.

Се очекува NDB да прерасне во една од клучните финансиски институции во светот со капитал од 100 милијарди долари. Новата развојна банка на БРИКС ќе започне со кредитирање од следната година, а ќе биде отворена за соработка и со другите земји членки на Обединетите нации.