“Пред неколку години навистина се боревме за да преживееме како фирма. Приходите што ги остварувавме не можеа ни одблизу да ги покријат трошоците”, вели Ким Волш Филипс, автор, наградуван говорник и извршен директор на IO Creative Group, агенција за директен маркетинг преку социјални медиуми.
“Кога го погледнав извештајот за 2014 година, во споредба со претходните три години, приходите беа тројно зголемени, од кога прв пат го започнав бизнисот во 2001 година”, додава Ким.
Таа сподели со читателите на Business Insider дел од нејзината приказна, односно четирите промени што биле клучни за големиот успех.
Позиционирање
Просечноста и работењето без пари не водеа никаде. Морав да станам експерт во индустријата за да бидам сопственик на единствената компанија кај која ќе доаѓаат клиентите кога имаат потреба и да им биде привилегија што ќе ме сретнат, наместо обратното.
Со право можам да кажам дека сум експерт кога станува збор за директен маркетинг преку социјални мрежи со висока стапка на ROI (Return on Investment), повраток на инвестиции.
Ценовник
Сметките не можат да се платат ако работите за евтини пари. Затоа почнав полека да ги качувам цените за новите клиенти. Но, морам да признаам дека дури по две години почнав да им наплаќам повеќе на некои од старите корисници.
Многу од нив заминаа, но добар број и останаа, со оглед на тоа што месечните услуги беа тројно зголемени. Со новите цени имавме помалку клиенти, но повеќе профит. Тие што останаа плаќаа повеќе, но беа задоволни од услугите и сите бевме среќни. Сега нашата цена за приватни клиенти е десет пати повисока од првичната со која го започнав целиот процес. И навистина се исплати.
Таргетиран пазар
Мојот таргетиран пазар мораше да се прошири. Не смеев да останам да делувам локално. За среќа ги знаев медиумските каналите преку кои може да се запознае многу поголема публика и сега работиме со секој што го разбира значењето на директниот маркетинг и има желба да се прошири на дигиталниот пазар.
Медиуми
Поседував маркетинг агенција, но го развив својот бизнис кога почнав лично да трагам по клиенти. Морав да ја зголемам листата, да ги вклучам оние кои ми се целна група и да одам подалеку од познатото. Започнав со медиумот кој ми беше најпознат, LinkedIn и потоа продолжив со Facebook, Twitter и Google+. За една година, листата на клиенти се зголеми од 1.055 до 21.000 корисници.
Промените понекогаш се повеќе од потребни, можат да бидат тешки, но доколку не сме доволно храбри и инвентивни, нема да успееме. Затоа не се плашете да промените нешто. Ќе бидете изненадени.