Од сите инвестиции во хрватските стартапи, 80% се за софтверски проекти. Најголем број на инвестиции доаѓаат од Европа, најмногу од бугарските фондови. Акцелераторскиот фонд Eleven лани договорил 200.000 евра инвестиции во хрватски стартапи. Минатата година износот на инвестиции е зголемен за десет пати, а на прво место по износ на инвестиции е Мате Римац, со собрани 10 милиони евра. Ова се резултатите од истражувањето за инвестирање во хрватски технолошки стартапи во 2014 година што го направи Нетокрација.
“Стартапите нудат најголема и најбрза можност за раст. Исто така, познавањето на таквиот начин на работа учи цела една генерација дека може да создаде нешто свое и дека постојат корисници на нивниот производ”, вели основачот и уредник на Нетокрација, Иван Брезак Бркан.
Според податоците на Загрепскиот инкубатор на претприемништво, инвестициите во хрватските стартапи во 2013 година изнесувале 2.180.000 евра, а една година подоцна 21.206.023 евра.
Во регионот, во стартапи во Словенија лани се инвестирани 60.855.500 евра, а во Србија 9.470.262 евра.