Висококатниците стануваат сè почест архитектонски израз во голем број светски метрополи. Вистински предизвик за изградбата на овие облакодери што имаат троцифрена висина, е нивната флексибилност и отпорност на ветер.
Вообичаено, овој проблем може да се реши со поставување на клатно, со чиј товар поставен на врвот на облакодерот, ќе се намали инерцијата на масата. Но, традиционалното решение не е во целост ефикасно кај мегаградбите бидејќи во тој случај и клатното станува вистински проблем, пишува Popular Mechanics.
Софистициран систем на пригушувачи се имплементира на облакодер од 631 метар во Шангај. Маса тешка околу 1.000 тони е прицврстена на челичните кабли и таа се ниша, слично како клатното. Но, она по што се разликува е во тоа што овој систем го спречува клатното да се ниша премногу силно и пребрзо. Пригушувачот е магнетно поле што само се генерира и се прилагодува според надворешните услови.
Железното клатно е поставено над бакарна плоча, окружено со 125 силни магнети. Кога клатното се движи преку магнетите, тоа предизвикува електрицитет во плочата, односно магнето поле што ги намалува осцилациите. Колку побрзо се движи клатното, генерира и посилно магнетно поле што го забавува.