Зошто толку се зборува за иновации во бизнисот?

82

inovacii

Фото: Pixabay

Понекогаш се има чувство дека зборот Иновации е омнипрезент или секаде присутен. Сите зборуваат:  Сакаме да ја поттикнеме Иновативноста; Мора да се биде иновативен; Избор за најиновативна компанија; Фондови кои ја поттикнуваат Иновативноста итн.

Ако ги прашате лидерите во бизнисот – сопствениците, менаџерите или студентите кои планираат да се бават со бизнис – како ја гледаат својата компанија во иднина, висок процент од нив одговараат Аpple, Google или Netflix. Ако ги прашате – колку за Вас се важни иновациите? – одговораат – Иновирај или умри!

Зошто денес Иновациите се не само круцијален, туку и пресуден фактор за раст или пропаст на компаниите?

Експертите од оваа област наведуваат разни причини заради кои Иновациите се третираат како неопходна стратегија, но сите овие причини може да се класифицираат во основните 4 групи:

1. Подобрувањето на ефикасноста и намалувањето трошоци повеќе не се доволни за компанијата да обезбеди висока профитна маргина и да обезбеди долгоречен раст. Притисокот од конкуренцијата сè повеќе се зголемува, тактиките за обезбедување предност се на сите добро познати и веќе широко применувани, па затоа мора да се креира некаква предност која е нова, непозната за конкуренцијата, дури и ново искуство за корисниците.

2. За да остане во игра, компанијата мора да биде иновативна. Сите останати играчи во одредена категорија создаваат предност преку креирање нови решенија, лансираат нови производи, а со тоа и ја сензитивизираат целната група за решенијата кои се нудат, па ако некој не создаде нова вредност, тогаш едноставо не може да ја продолжи трката и се перципира како губитник. Како што напоменав и претходно, сите компании иновираат. Не само што креираат нови производи, туку играат на просторот меѓу индустрии и креираат нови. Оние што ќе стасаат први на вистинското место, ќе го заземат делот од пазарниот колач, па тешко дека подоцна тој што ќе стаса втор ќе успее да им го одземе лесно и брзо.

3. Едноставо не е доволно само да бидете иноватор. Не е лесно нова идеја да ја преточите во успешна приказна – нов производ или нова услуга. Мора да се иновира, но на добро осмислен начин кој ќе овозможи диференцијација од конкуренцијата и ќе се понуди додадена вредност – само Вие и никој друг пред Вас. И во целиот тој процес треба да се знае како да се избегнат или намалат ризиците кои одат рака под рака со лансирањето нови производи и услуги.

4. Иновациите најчесто се есенцијални за да се постигни целта – раст на бизнисот. Сите компании имаат една заедничка цел – да растат – а тоа во сегашните услови на пазарот е можно само со Иновации. Одлуката дали Иновациите ќе бидат реактивни (базирани на незадоволени потреби) или ќе бидат проактивни (индуцирање, односно креирање на нови потреби) зависи од храброста и ресурсите со кои располага менаџментот на комапнијата, но тоа е помалку важно. Важно е дека мора да се обезбеди континуиран раст во продажбата на компанијата.

Каква е ситацијата по однос на Иновации во Македонија?

Каква е состојбата во однос на Иновациите најмногу помага документот објавен од OECD, а се базира на истражувања од самата институција, како и извештаи од ЕУ. Од овие документи се доаѓа до сознание дека :

  1. Над 50% од малите и средни компании во РМ не вовеле ниту еден тип на иновација или активности во иновирање (патентирањата се сосема ограничени).
  2. Инвестициите во R&D одделите во компаниите во РМ изнесуваат само 23% од GERD (споредено со EU каде изнесува 55%).
  3. 50% од компаниите не нудат никаков тренинг на вработените.
  4. Најголем дел од компаниите се потпираат на интерно знаење за иновации, па така соработката со други компании или со истражувачки институции е ограничена, иако се потврдува дека оние кои соработуваат со универзитетите или истражувачките институции се многу поуспешни.
  5. Главна пречка за инвестиции во иновации е ограничениот пристап до финансиски средства како кредити од банки или акциско вложување.
  6. Од нефинансиските пречки се наведуваат: недостаток од институционална поддршка, несигурна пазарна побарувачка за иновативни производи, куповната моќ, како и ниската соработка со универзитетите.
  7. Една од значајните причини е и недостаток на знаење за менаџирање на иновации.

Како главни опции за развој компаниите ја гледаат:

  1. Поддршката од Владата (даночни олеснувања или други типови финансиска поддршка).
  2. Развивање на програми за тренинзи на вработените.
  3. Размена на know how помеѓу компаниите.

Ако се земе во предвид големината на македонскиот пазар и предноста која ја креираат интернационалните брендови, лесно е да се предвиди иднината на македонските компании – за да се расте мора да се извезува, а за да се има или обезбеди конкурентска предност на странски пазари (дури и во најбиското соседство), мора да се креираат нови и атрактивни производи и услуги. За да се оспособат компаниите во РМ да иновираат, мора да се воспостави тесна соработка меѓу образовните центри и бизнис заедницата, како и да се олесни трансферот на технологии и знаење. Без помош од државата тоа скоро и да е невозможно. Но, бидејќи компаниите не смеат да чекаат да се случи чудо, мораат сами да најдат начин како да го создадат Чудото!