Фото: Pixabay
За влијанието на Интернетот врз нашиот личен, економски и политички живот е многу пишувано. Во инспиративен текст Philanthropy Must Jump – Start a Digital Revolution for the Common Good, Алберто Ибаргин, претседател на фондацијата Knight, Марк Сурман, претседател на фондацијата Mozilla и Дарен Волкер, претседател на фондацијата Ford прашуваат: Дали “дигиталниот јавен квадрат” е достапен и отворен за сите или пак неговото користење е условувано од богатството на граѓаните? Дали веруваме во еднакви можности или во дигитална верзија на “одвоени, но еднакви”? Во свет каде претежно сé се прави oнлајн – комуницирање, купување, наоѓање на работа, информирање, авторите потенцираат дека не може да имаме став кој вели дека ако имаш пари, имаш подобар пристап до основните аспекти на секојдневниот живот.
Петте фондации: Ford, Knight, MacArthur, Mozilla и Open Society, заедно со водачи од влади, бизнис секорот и техничката заедница, неодамна го формираа партнерството NetGain, што има за цел да создаде нова генерација на иноватори за социјална промена и прогрес. Преку NetGain филантропите сакаат да дејствиваат врз политиките, пазарите, нормите и дизјанирањето и користењето на Интернетот и информатичките технологии за постигнување на јавно добро.
Тие доброволно се обврзуваат дека ќе го користат Интернетот водејќи се од следниве принципи:
- создавање на Интернет како отворено, безбедно и еднакво место за слобода на изразување, економски можности, размена на искуства и граѓански ангажмани кон кои секој ќе има пристап;
- поддржување на можностите создадени од поврзаната јавна мрежа: нови начини на граѓанско и социјално учество, намалување на пречките за учество и органзирање на иновативни можности за позитивна промена и социјална правда;
- отстранување на активностите што создаваат штети: цензура, само-сеграгација, ширење на дезинформации и поларзација;
- трансформирање на учењето и грижа дека младите луѓе ги имаат вештините што им се потребни за да успеат во поврзан комплексен свет: дигитално описменување, критичко размислување, решавање на проблеми, љубопитност, емпатија, разбирање, упорност и сл.
- култивирање на лидери во бизнисот, власта и граѓанското општество и поддржување на алијанси во разни сектори за да се осигураме дека технологијата и податоците се користат за да го унапредат јавното добро;
- инвестирање во политиките за информатичка технологија, практики и продукти што ја зајакнуваат заштитата на податоци и приватноста; и
- практикување на филантропија која води кон дигитална безбедност и етички податоци.
Многумина со право ќе се прашаат зошто ова партнерство е нешто различно од досегашните активности на филантропите во поддржување на дигиталното општество. Во заедничкиот текст, авторите одвојуваат три работи што нè тераат да поверуваме дека навистина со оваа платформа може да се обликува иднината на Интернетот.
Прво, оваа иницијатива праќа порака дека филантропите треба да работат заедно, а не посебно при применувањето на заедничките принципи.
Второ, фондациите се добро позиционирани за да катализираат дополнителни долари и посветеност од приватниот, јавниот и непрофитниот сектор. Неусловувани од профит за инвеститорите или законодавно одобрување, филантропијата има можност да поддржи јаки и креативни решенија.
И трето, работејќи заедно со творци и техничари, организации и активисти, експерти, истражувачи и лидери во бизнисот, може да се создадат алијанси и да се отвори поле за делење на знаење и идеи.
А што тоа би значело сево ова во пракса?
Во неодамнешното интервју за Intellectual Property Watch, Дарен Волкер издвојува еден пример. Фондациите Ford и Mozilla ќе инвестираат во програма што регрутира штотуку дипломиран кадар по комјутерски науки и инженери што се заинтересирани да ги искористат своите вештини за ја подобрат социјалната правда. Програмата ќе им овозможи на овие индивидуи да работат во организации за заштита на граѓански права или адвокатски канцаларии. За возврат овие иноватори треба да им објаснат на своите работодавци како да ја користат технологијата за да станат поефикасни и повлијателни.
Платформата изгледа моќно, идеите се инспиративни и сигурно ќе водат до промена таму каде што дејствуваат. А имајќи во предвид дека фокусот е врз Интернетот и како истиот да се искористи за да се подобри учењето и постигне социјална правда, тоа значи дека ефектот од NetGain треба да се почувствува во сите земји, вклучително и во нашата.