Следното долгоочекувано возило на јапонскиот производител на автомобили Honda е последен крик на технологијата – ултра брз џет со ултра висока цена од 4,5 милиони долари, пишува Wall Street Journal.
Компанијата го чека само финалното одобрување од Федералната администрација за авијација на САД за да започне да го продава HondaJet, бизнис авион со седум седишта.
Она по што се разликува овој џет е позицијата на моторот којшто се наоѓа над крилата, за разлика од вообичаената поставеност кај опашката. Целта на ова е да се зголеми просторот во кабината и да се намали бучавата од моторот.
Се очекува џетот, којшто развива брзина од 777 километри на час, првично да биде презентиран во Швајцарија, па да следуваат останатите клучни европски пазари. Со ова Honda станува и почесен член во ексклузивниот клуб на производители на авиони.
HondaJet е првиот комерцијален авион од јапонската компанија произведен од страна на својот огранок Honda Aircraft со седиште во Северна Каролина.
Авионот се очекува да биде достапен за продажба кон средината на годинава.