Компанијата Кроациа осигурување го одбележа својот 10-годишен јубилеј во Македонија.
“Оваа година е од особено значење за нас, бидејќи покрај тоа што одбележуваме јубилејни 10 години од основањето, оваа година истекуваат првите полиси за животно осигурување на осигурениците кои пред 10 години ни ја дадоа својата доверба и воедно останале лојални на компанијата во целиот овој период“, рече генералната директорка за животно осигурување, Вилма Учета Дузлевска.
Таа истакна дека свеста кај граѓаните за потребата од животно осигурување е на доволно високо ниво, а за тоа говорат и двоцифрените стапки на раст на премијата за животно осигурување и тоа од 2007 година, па наваму.
“Од 2011 година, компанијата ја зазема лидерската позиција на пазарот по бројот на продадени полиси за животно осигурување, од 2012 година ја заземавме лидерската позиција согласно параметарот БПП. Минатата година, компанијата ја заокружи со продадени 4.784 полиси, што е повеќе од 51% од вкупно продадените полиси за животно осигурување во Македонија за 2014 година“, додаде таа.
Согласно официјалните податоци, вкупната бруто полисирана премија за животно осигурување за 2014 година изнесува 14.439.539,96 евра.