Сараевската пивара гради музеј по повод 151-годишниот јубилеј

60

saraevska pivara

Сараевската пивара, што е основана на 24-ти мај 1864 година, оваа година ќе го одбележи 151-годишниот јубилеј со отворање на музеј, пишува порталот Klix.ba.

“За нас пиварата не е само производен погон, туку е дел од културното и историско наследство на Босна и Херцеговина. Во текот на различни историски периоди имаше важна улога во економскиот и социјалниот развој на нашата земја. Сакаме во Сараево да изградиме културно – историски објект, каде што ќе биде претставен уште еден сегмент на традицијата на БиХ. Во проектот учествуваат и студенти од Одделот за историја на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево, а ги повикуваме и граѓаните кои поседуваат предмети што ќе бидат изложени во музејот да нè контактираат“, рече директорката за односи со јавност на Сараевската пивара, Мелиса Сефер Личин.

Сараевската пивара е единствена пивара во Европа чие производство не било запрено и во текот на Отоманското владеење, како и во текот на владеењето на Австро – Унгарската монархија.

Музејот ќе се наоѓа во комплексот на пиварата, што е еден од најатрактивните градежни објекти во Сараево. Планирано е музејот да биде отворен во јуни.