Јоханан Шахморов: Прво делувајте регионално, а потоа глобално

48

11121957_10206933856092077_1126380628_n

“Ако луѓето не ви го знаат производот, ќе биде многу тешко истиот да го продадете. Започнете со домашниот пазар, по некое време почнете да делувате регионално, а дури потоа глобално”, вели д-р Јоханан Шахморов, професор по економија и бизнис на City College од Њујорк.

Тој вчера беше почесен гостин на Центарот за развој на претприемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија, каде се одржа нетворкинг настан на тема Начини на финансирање на микро, мали и средни претпријатија – Глобални трендови.

Професорот зборуваше за потребата од извоз, нагласувајќи дека откако бизнисот добро ќе се пласира на домашниот пазар, истиот треба да излезе надвор од границите што е можно поскоро.

Д-р Шахморов ја истакна и потребата од нетворкинг, како и постоење на фондови за претприемачи со цел да се олесни финансирањето и да се поттикне развојот на бизнисот во Македонија, а со тоа и излезот на странските пазари.

Учесниците на настанот ги претставија своите компании и зборуваа за можностите за извоз. Како најголем проблем за излез на странските пазари беше истакната финансиската ситуација, односно скапиот транспорт, набавката на машини и слично.

Д-р Јоханан Шахморов е и визитинг професор на Катедрата за економија на Универзитетот во Пенсилванија. Шахморов работел и како советник во украинската влада на полето на макроекономските политики, вклучувајќи ги и прашањата за енергија и природни ресурси.