Привршува откупот на тутунот во битолскиот дел на Пелагонија и во делчевско

31

otkup-na-tutunotОткупот на тутунот во битолскиот дел на Пелагонија, кој наскоро ќе заврши, се одвива без проблеми и според предвидената динамика. Привршува и откупот на тутун во Делчево и Македонска Каменица, иако крајниот рок за преземање трае до 15 март.

Во овој регион за разлика од ланската берба, квалитетот на родот е многу подобар и постигната повисока откупна цена, 185 денари за килограм.

Производителите немаат поголеми забелешки околу проценката на квалитетот и преземањето.

“Очекуваме за неколку денови откупот на тутунот да биде завршен во целост, на сите откупни пунктови. Временските услови придонесоа да се произведе квалитетен тутун и според првичните информации, во Пелагонија ќе бидат откупени повеќе од 2.000 тони, вели Илија Србиновски, раководител на Подрачната единица во битолскиот дел на Пелагонија.

Евидентните листови за новата реколта во 2013 година, се веќе во подготовка.

“Очекуваме и годинава да бидат евидентирани околу 2.600 тутунопроизводители. Во тек е постапката за идентификување и обележување на земјоделските површини. Секој земјоделец што ја завршил оваа активност може непречено да користи субвенции во тековната година, напомена Србиновски.

Од Делчевскиот регион пак, најголем број тутунопроизводители склучиле договори со комбинатот Далија табак, кој ја реализира исплатата еден ден по предавањето во откупниот центар.

“Субвенциите од 60 денари за килограм стимулативно влијаат на тутунопроизводството во општината. Затоа бројот на производители и на површинитете под тутун се зголемува секоја година”, вели Горан Даневски од Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Делчево.